БалканБалкан.ПорталДописници Свет

Шеста жртва на коронавирусот во Грција, потврдени 464 заразени случаи (ДПЛ)

Уште едно лице го загуби животот од коронавирусот во Грција, со што бројот на починати во земјата се искачи на шест, додека пак потврдени се 464 заразени случаи со Ковид-19, од кои 46 се во изминатите 24 часа, јави дописничката на МИА од Атина.

Атина, 19 март 2020 (МИА)  – Уште едно лице го загуби животот од коронавирусот во Грција, со што бројот на починати во земјата се искачи на шест, додека пак потврдени се 464 заразени случаи со Ковид-19, од кои 46 се во изминатите 24 часа, јави дописничката на МИА од Атина.

Претставникот за коронавирус при Министерството за здравство на Грција, професорот Сотирис Циодрас на денешната редовна прес-конференција изјави дека од потврдените случаи, 72 имаат неодредено потекло, хоспитализирани се 78 лица на просечна возраст од 68 години, а 16 се приклучени на респиратори во болниците во Солун, Атина и Патра.

Досега, 19 лица се пуштени од болница.

Во однос на смртните случаи, професорот Циодрас рече дека станува збор за мажи кои имале сериозни здравствени проблеми.

Надлежниот за коронавирусот при Министерството за здравство на Грција, истакна дека постоечките податоци „ги потврдуваат процените кои доаѓаат од Медицинскиот факултет на атинскиот Универзитет дека најмалку две до три илјади граѓани се заразени со вирусот“.

– Посветени сме на две цели кои се однесуваат на јавното здравје, да ги заштитиме ранливите групи граѓани и колку е можно помалку граѓани да се заразат во исто време. Не може сликата во бродовите да наликува како да е 15 август со огромен број луѓе да се движат кон островите. Го минимизира целиот наш напор, ја зголемува опасноста за возрасните, постојани жители на островите, истакна Циодрас.

Порака до граѓаните да останат дома, а нивното движења да го ограничат само на неопходното, уште еднаш испрати и заменик министерот за цивилна заштита на Грција, Никос Хардаљас, кој на денешната прес-конференција повтори дека сите оние кои што се враќаат во Грција од странство треба да бидат во 14 дневна домашна изолација, а контролите ќе бидат построги.

Одговарајќи на новинарско прашање за информациите што утрово се појавија во грчките медиуми дека има можност да се затворат аеродромите, Хардаљас рече дека засега „таква одлука не постои“. ср/гт/

Таг
Back to top button
Close
Close