0_Македонија.ПорталДописници МКДОпштествоПолитика

Шекеринска: Битола го враќа дигнитетот по кој е препознатлива

Офицерскиот Дом во Битола е споменик на градот, чуван низ сите сегменти на историјата и затоа битолчани во 2016 година не и дозволија на претходната власт да го продаде, истакна вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска за време на денешниот увид во реконструктивните зафати на тој објект.

Битола, 24 јуни 2020 (МИА) – Офицерскиот Дом во Битола е споменик на градот, чуван низ сите сегменти на историјата и затоа битолчани во 2016 година не и дозволија на претходната власт да го продаде, истакна вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска за време на денешниот увид во реконструктивните зафати на тој објект.

Според Шекеринска, реакцијата на битолчани беше вистински патриотизам со што се сочува културно-историското наследство за следните генерации, но обновено и реконструирано.

-Ние како Влада уште во 2017 година реагиравме и затоа денес Офицерскиот дом во Битола комплетно се реконструира за наесен битолчани да си го вратат Домот на уметноста. Заедно со делегацијата на ЕУ, Светска банка и општината, во Офицерскиот дом вложивме над 960.000 евра, да го добие заслужениот лик и тука како што прилега да се врати културниот белег на градот. Офицерски е симбол за се што минатите три години направивме во Битола, бидејќи во истата опасност како овој објект беа сите образовни институции во градот кои претходната власт ги остави во колапс со милионски долгови, и сите здравствени институции кои беа во очајна состојба, нагласи Шекеринска.

На прес-конференција во Битола, вицепремиерката потсети на владината поддршка која континуирано ја дава на локалната самоуправа со што се овозможи деблокирање на 10 училишта за кои беше покриен долг од 2,5 милиони евра, како и за капиталните инвестиции во Битола и битолско.

-Загадувањето го решаваме темелно, наесен почнува вклучувањето на првите битолски стопански субјекти и образовни институции на гасоводот, проект кој се одолговлекуваше 20 години, а во изминатите 2 години го реализиравме со 80 проценти од примарната мрежа. Изградивме 92 километри од гасоводот Неготино-Битола во кој инвестиравме 34,5 милиони евра. Во училиштата го сменивме системот за греење, издвоивме 2,5 милиони евра за 2.500 семејства во Битола да постават клима инвертери и за една година ја изградивме железничката пруга од Битола кон Грција која претходната власт ја ветуваше 10 години. Владата, рече Шекеринска, со 18 милиони евра финансиска помош ја поддржа битолската економија уште пред ковид кризата.

Битола го враќа дигнитетот по кој е препознатлива, истакна Шекеринска во присуство на својот домаќин, градоначалничката Наташа Петровска која потврди дека благодарение на соработката и поддршката од националната власт, локалните институции се стабилизираа.

-Во моментов во Битола имаме градежни активности на инфраструктурни проекти во висина од 4,3 милиони евра, а наскоро ќе следат дополнителни градежни активности во висина од 2,3 милиони евра. Разликата меѓу нас и претходните е суштинска бидејќи ние градиме и исплаќаме за завршена работа. Не случајно се наоѓаме пред Офицерскиот дом, објект кој што тие сакаа да го продадат, а ние го градиме и обновуваме, рече меѓудругото Петровска. мт/мч/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close