0_Македонија.ПорталОпштество

Северна Македонија на 28 март 11-ти пат во мрак за Часот на планетата Земја

Милиони луѓе ширум светот ќе се обединат во испраќање на заедничка порака за спас на планетата Земја, на 28 март, кога ќе се одржи глобалната еколошка акција Часот на планетата Земја. Точно во 20:30 часот по локално време во мрак ќе потонат илјадници споменици ширум светот за да предупредат дека климатските промени се случуваат сега и тука, и дека само ние како поединци ја имаме моќта да го промениме тоа.

Скопје, 9 март 2020 (МИА) – Милиони луѓе ширум светот ќе се обединат во испраќање заедничка порака за спас на планетата Земја, на 28 март, кога ќе се одржи глобалната еколошка акција Часот на планетата Земја. Точно во 20:30 часот по локално време во мрак ќе потонат илјадници споменици ширум светот за да предупредат дека климатските промени се случуваат сега и тука, и дека само ние како поединци ја имаме моќта да го промениме тоа.

– Во период кога глобалниот биодиверзитет се намалува со невидени и алармантни стапки, додека паралелно на еден милион животински и растителни видови им се заканува целосно исчезнување од лицето на планетата, а Земјата е на чекор од уништување поради глобалното затоплување, сега е повеќе од потребно да се подигне свеста дека природата е фундаменталната основа за здрава планета и непосредно и најмоќно решение за спас од климатските промени, информираат организаторите.

Часот на планетата Земја и Светскиот фонд за природа (WWF) оваа година ги повикуваат граѓаните да го дадат својот глас за Земјата на интернет платформата „Глас за Земјата“. Овие потписи во текот на годината ќе бидат презентирани на светските лидери и носители на одлуки на глобалните форуми како Генералното собрание на ОН, за да помогнат во креирање  Нов договор за природата и луѓето што ќе гарантира заштитување на преостаната природа и ќе се обиде да помогне во реставрирање на досега загубеното, а истовремено гарантирајќи ја нашата иднина на оваа планета.

– Глобалната стапка на губење на природата во последните 50 години е од невиден размер во човечката историја и преставува закана за човечките животи и благосостојбата во светот, вели Марко Ламбертини, генералниот директор на Светкиот фонд за природа (WWF).

Организаторот во соопштението наведува дека  природата е бесценет бенефит кој ни обезбедува храна, вода и чист воздух, и е еден од нашите најголеми сојузници во борбата против климатските промени. Затоа е важно да го дадеме нашиот Глас за Земјата, за да ги притиснеме светките лидери да донесат Нов договор за природата и луѓето кој ќе гарантира иднина за сите нас!

– Биодиверзитетот и природата се темел и ги поткрепуваат нашите животи, нашите економии, нашето здравје, нашата благосостојба, нашата среќа. Тоа е темелот на нашата жива планета. Денеска, додека ја втурнуваме планетата и нејзините природни системи до работ, Часот на планетата Земја е наша шанса да ја употребиме нашата моќ, како поединци и како општество, да бараме и да преземеме акција за да ја заштитиме оваа наша Мајка Природа во замена за сето она што ни го дава. За доброто на целиот живот на Земјата и на нашата сопствена иднина!”, истакна Ѓорги Селков, од канцеларијата на Часот на планетата Земја во Македонија.

Инаку, во минатата деценија, Часот на планетата Земја инспирираше глобално учество во критични иницијативи за природата, климата и животната средина, помагајќи во кревање на свеста за проблемите со кои се соочува нашата планета. Изминатите години, движењето помогна во создавање на 3,5 милиони хектари заштитена морска област во Аргентина, шума од 2.700 хектари во Уганда и помогна да се донесе нова законска регулатива за заштита на морињата и шумите во Русија. Минатата година, WWF-Еквадор се заложи за закон за забрана за употреба на пластични кеси, други пластични еднократни производи и производи од стиропор во главниот град, додека пак WWF-Индонезија иницираше засадување на 20.000 садници од мангрови во 13 градови.

Започнувајќи како симболичен настан во Сиднеј во далечната 2007 година, Часот на планетата Земја сега се одбележува во повеќе од 180 земји и територии како глобален момент на солидарност за планетата.фф/скс/

Back to top button
Close
Close