0_Македонија.ПорталKultura.SlajderДописници МКДКултураКултура.Портал

„Сестрите Прозорови“ – прва годинашна премиера на Велешкиот театар

Театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес в среда (22 јануари) од 20 часот премиерно ќе ја изведе претставата „Сестрите Прозорови“ според романот  „Три сестри“ од  Чехов и документаристички материјали и авторски текстови. Адаптацијата и драматургијата се на Сашо Димоски, а режијата на Васил Зафирчев. 

Велес, 20 јануари 2020 (МИА) – Театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес в среда (22 јануари) од 20 часот премиерно ќе ја изведе претставата „Сестрите Прозорови“ според романот  „Три сестри“ од  Чехов и документаристички материјали и авторски текстови. Адаптацијата и драматургијата се на Сашо Димоски, а режијата на Васил Зафирчев.

„Сестрите Прозорови“ е прва премиера на Велешкиот театар за сезоната 2020 која театарот ја реализира од сопствени средства. Станува збор за коавторски проект на Сашо Димоски и Васил Зафирчев, во кој улогите ги толкуваат Кети Борисовска, Маја Љутков, Славица Манаскова, Жарко Спасовски и Фаик Мефаилоски. Костимограф на претставата е Раде Василев, а автор на плакатот и рекламниот материјал е Филип Коруновски.

Ништо во оваа претстава не реферира на пиесата на Антон Чехов „Три сестри“ на која упатува насловот, освен најголемиот дел од текстот за изведбата. Во оваа претстава, трите Чехови сестри, Олга, Маша и Ирина Прозорови, не се драмски ликови. Трагични се. Исчашени се од зглобот, од нивната природна драмска зададеност и создадени се нови ликови што и натаму го имаат драмскиот квалитет на Чехов – само се обоени со трагична гама и се поставени во нов, фрагментиран систем од односи, чија целина е постигната преку документаристичка рамка. Нивната безнадежност, која гласно нѐ засега, доведена е до екстрем, засегнувајќи го личниот опстанок. За ваквиот опстанок, опстанок среде безнадежност, е создадена оваа претстава, појаснија авторите на претставата. 

Како што информираат од театарот, претставата трае 65 минути и не е за лица под 14 години, а поради трепкачки ефекти во светлосниот дизајн не се препорачува за лица со епилепсија.
Претставата е за малобројна публика, 70  гледачи, кои ќе бидат заедно со актерите на големата сцена. Првата реприза на претставата „Сестрите Прозорови“ е закажана за 30 јануари. ад/хс/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close