Дописници МКДОпштински вести

Се враќа живиот свет во Брегалница по изградбата на пречистителната станица кај Кочани

Обновување на одредени животински и растителни видови во средниот тек на реката Брегалница регистрира Македонското еколошко друштво (МЕД), по едногодишното работење на пречистителната станица за отпадни води кај Кочани.

Кочани, 21 август 2020 (МИА) – Обновување на одредени животински и растителни видови во средниот тек на реката Брегалница регистрира Македонското еколошко друштво (МЕД), по едногодишното работење на пречистителната станица за отпадни води кај Кочани.

Експертските анализи што екологистите редовно ги прават во изминатите осум години, за првпат летово покажале големо подобрување кај живиот свет и во самото корито, но и во неговата околина.

Мерењата МЕД ги спроведе на седум километри низводно од пречистителната станица, и тие потврдуваат зголемено присуство на популации од животински и растителни видови, што се чувствителни на загадување, а на кои им се заканувало исчезнување.

-На мониторинг точката кај селото Кучичино е забележано присуство на вилински коњчиња од видови кои не беа регистрирани на овој дел од реката или се сретнуваат многу повисоко, над браната Калиманци, или пак во долниот тек на Брегалница, пред вливот во Вардар. Исто така, забележани се јата млади риби кои ги немаше во минатите години, а сега се вратиле поради обновувањето на акватичната вегетација која им обезбедува микроживеалишта за мрестење и опстанок. Се работи за значајни видови риби, како што е вардарската штипалка и црната мрена, кои бараат такви специфични хабитати за мрестење. Евидентирани се и примероци од жолтоножестото коњче и зелената опашеста змија, која во овој дел на течението на Брегалница ја немаше во последните десетина години. Тоа наведува на заклучок дека се постигнати значителни подобрувања кај квалитетот на водата и хабитатите околу реката, што е резултат на функционирањето на пречистителната станица во Кочани и намалувањето на ефектите од загадените води во речниот слив, истакна Деспина Китанова од Македонското еколошко друштво.

Според Китанова, враќањето на живиот свет во Брегалница нема само локално, туку и пошироко европско значење за еколошката заштита и за подобрувањето на статусот на животната средина.

Пречистителната станица за отпадни води кај кочанското село Мојанци почна со работа минатото лето, а беше изградена со донација од 23 милиони швајцарски франци, што ги обезбеди Владата на Швајцарија како нејзина најголема финансиска поддршка во областа на екологијата кај нас. та/рп/

Back to top button
Close
Close