0_Македонија.ПорталДописници МКДОпштински вести

Се уредува пешачка патека од Кочани до браната Гратче

Општина Кочани го почна проектот за проширување и уредување на пешачка патека од населбата Бавчалук до браната Гратче, чија должина е околу 3,5 километри.

Кочани, 2 февруари 2021 (МИА) – Општина Кочани го почна проектот за проширување и уредување на пешачка патека од населбата Бавчалук до браната Гратче, чија должина е околу 3,5 километри.

Градежните работи се дел од проектот „Планински велосипедски рај“ за кој локалната самоуправа обезбеди грант од над 30,5 милиони денари, како дел од вториот повик за инвестиции во инфраструктурата поврзана со туризмот, а за спроведување на проектот „Локална и регионална конкурентност“, финансиран со грант од Европската Унија.

– Пешачката патека која се наоѓа на десната страна на Кочанска Река и поминува низ борова и багремова шума, ќе биде со просечна ширина од околу два метра, целосно инфраструктурно уредена, со неколку видиковци, урбана опрема и соодветно обележана. Покрај тоа, со проектот е предвидено и уредување на слична патека долга околу два километра, што ќе поминува околу акумулацијата Гратче, односно од водопадот до преградниот ѕид на браната, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Според најавите од локалната самоуправа на Кочани, се очекува до почетокот на пролетната сезона патеката целосно да се уреди и да биде ставена во функција, со што граѓаните кои пешачат на оваа делница ќе добијат уште една можност за рекреација. Засега тие го користат асфалтниот пат за прошетка во природа, но тоа може да биде небезбедно поради зголемената фреквенција на возила.

Проектот „Планински велосипедски рај“ вклучува изградба, реконструкција и надградба на патеките за планински велосипедизам и планинско пешачење со вкупна должина од 35 километри. Неговата цел е да се зголеми туристичката атрактивност на кочанскиот дел од Осоговските Планини и да се промовираат природните и културни локалитети. та/вг/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close