Дописници МКДОпштински вести

Се состана општинскиот штаб за заштита и спасување на Крива Паланка, донесени заклучоци за граѓаните и институциите

Штабот за заштита и спасување на општина Крива Паланка денеска одржа состанок, согласно потребата од преземање мерки и активности за превенција од ширење на вирусот Ковид-19.

Крива Паланка, 15 март 2020 (МИА) – Штабот за заштита и спасување на општина Крива Паланка денеска одржа состанок, согласно потребата од преземање мерки и активности за превенција од ширење на вирусот Ковид-19.

На состанокот присуствуваа градоначалникот на Општина Крива Паланка Борјанчо Мицевски, командантот на штабот Изабела Павловска, началникот на штабот Стојадин Гоговски, заменик на началникот Мартин Николовски, секретарот на Општината Љубомир Младеновски, претставници од Дирекцијата за заштита и спасување, ТППЕ Крива Паланка, од МВР, ОВР, ПС граничен премин „Деве Баир“, ПС за погранични работи „Север“, јавното претпријатие „Комуналец“, ОО на Црвен Крст Крива Паланка, Здравствен Дом Крива Паланка и санитарен инспекторат.

На состанокот беа дискутирани превентивните мерки и чекори што треба да бидат преземени во согласност со заклучоците, мерките и препораките усвоени од Владата. По исцрпна дискусија беа донесени следниве заклучоци:

Доследно и одговорно да се почитуваат сите заклучоци, мерки и препораки на Владата за превенција од ширење на болеста Ковид-19. ОВР Крива Паланка во соработка со Пазарниот инспекторат редовно и целосно да го следи почитувањето на забраната за работа на деловните субјекти на територијата на Општина Крива Паланка, со изрекување на рестриктивни казнени мерки за непочитувачите на забраната.

Здравствениот дом Крива Паланка да обезбеди просторија за изолација, да се направи обид преку Министерството за здравство да биде обезбедено постојано или повремено присуство на епидемиолог на подрачјето на Крива Паланка, со оглед на фактот дека се работи за пограничен терен со зголемен транзит на домашни и странски државјани кои доаѓаат од земји со висок или среден ризик. Да се обезбеди зајакнато присуство на волонтерите на Црвениот Крст на граничниот премин „Деве Баир“, преку воведување трета смена, како и да се зајакне контролата на овој граничен премин со соодветно евидентирање на влезот на граѓани од Крива Паланка, жители на Општината.

Да се зајакне контролата на граничните премини Голема Црцорија – Голеш и Огут – Трговиште за соодветно и навремено детектирање на евентуални обиди за нелегален влез во државата. ЈП „Комуналец“ итно и неодложно да пристапи кон затворање на зелениот пазар и повеќенаменските игралишта со кои стопанисува, за целиот период додека траат мерките за превенција од ширење на болеста. Да се воспостави телефонска линија на која граѓаните во поодмината возраст и во состојба на изнемоштеност ќе пријавуваат потреба од достава на лекови, средства за дезинфекција и храна, за чија набавка самите ќе го преземат трошокот, а кои што ќе бидат доставувани од страна на волонтери на ОО на Црвен Крст Крива Паланка и други субјекти активно вклучени во оваа активност.

Да се даде препорака до образовните установи во соработка со Министерството за образование за воведување на „онлајн“ настава доколку за такво нешто има можност и потреба, а во функција на тоа, учениците кои не посетуваат редовна настава да бидат задржани превентивно во нивните домови, но и надокнадување на веќе изгубеното градиво, како последица од мерките за укинување на редовната настава.

Да се побара и инсистира од Владата, преку ресорните министерства да набави и достави до сите институции на територијата на Општина Крива Паланка поголема количина заштитни маски, заштитни ракавици и средства за дезинфекција. Да се даде препорака до сите бензински пумпи и други деловни субјекти долж патниот правец Деве Баир – Крива Паланка и Крива Паланка – Куманово, во своите работни простории да извршат соодветна дезинфекција, да постават средства за лична дезинфекција на вработените и корисниците на услуги, како и да набават за своите вработени соодветна количина на заштитни маски и заштитни ракавици, кои задолжително да ги користат во своето секојдневно работење.

Да се даде итна препорака до сите институции и установи на територијата на Општина Крива Паланка да ги ажурираат своите Планови за заштита и спасување, како и да го ажурираат персоналниот состав на своите кризни штабови. ид/мс/

Back to top button
Close
Close