Svet.SlajderАнализаДописници Свет

Се што треба да се знае зошто Словенија ја доби „првата рунда“ во борбата против коронавирусот

Словенија е првата држава во Европската унија која прогласи победа врз коронавирусот и крај на епидемијата. Големата дисциплина на граѓаните, масовното тестирање и соодветните навремени мерки беа доволни, барем засега заразата да се стави под целосна контрола.

Љубљана, 23 јуни 2020 (МИА) –  Словенија е првата држава во Европската унија која прогласи победа врз коронавирусот и крај на епидемијата. Големата дисциплина на граѓаните, масовното тестирање и соодветните навремени мерки беа доволни, барем засега заразата да се стави под целосна контрола.

– Како и во повеќето европски држави, февруари беше месецот кога граѓаните и властите се соочија со фактот дека коронавирусот од Кина се рашири и на нашиот континент. Многу непознаници беа присутни кај стручната јавност, но уште повеќе меѓу граѓаните. Малку информации имаше зошто вирусот, кој се споредуваше со обичен сезонски грип, за само неколку недели ги преплави болниците во Северна Италија и однесе премногу жртви.

Први примери и мерки во Словенија

На почетокот на март Националниот институт за јавно здравје објави за првиот случај на коронавирусот во Словенија. Веднаш се запали „црвеното светло“. Државата имаше едвај 100 респиратори, а заштитната опрема која само пред неколку недели ја донираше за Кина, сега беше повеќе од потребна пред се за медицинскиот кадар. Една од првите мерки што беа преземени од владата во Љубљана, беше да се откажат сите масовни собири, концерти и спортски настани. Фудбалскиот натпревар во Бергамо и тоа што следуваше потоа, беше доволно за Словенците да ги повторат истите грешки. Државата веднаш почна со набавка на заштитна опрема и респиратори, а поради крајно критичната ситуација во северниот дел на Италија набрзо се затвори и границата меѓу двете земји. Масовните тестирања започнаа, а Словенија брзо стана регионален лидер во процентот на направени тестови.

Развој на епидемијата и првите ограничувања

Голем пораст на заразените имаше на 13 март, кога само во еден ден беа потврдени 45 инфицирани, а ден потоа беше регистрирана и првата жртва од Ковид-19. Влада одлучи да се затворат градинките и училиштата, а истиот пример го следеа и факултетите кои ги прекинаа предавањата и испитите. Препораката да нема собирања во затворен простор, беше доволна и угостителите да одлучат веднаш и без одлагања да се затворат кафулињата, рестораните и ноќните клубови.

Пикот на епидемијата се случи на 27 март, кога беа потврдени 70 новозаразени. До тој датум вкупно седум пациенти ја изгубија битката со болеста, а жариште на заразата беше Љубљана.

Во истиот период се смени и Владата. Премиерот Марјан Шарец поднесе оставка, поради политички причини и несогласувања во коалицијата, а на негово место дојде Јанез Јанша. Промената на власта не донесе промена на стратегијата во борбата со епидемијата, но состојбата на теренот наложи многу построги ограничувања за граѓаните.

Словенија застана

Словенците се организираа. Недостатокот на заштитни маски почна да се компензира со големо домашно производство. Компании што произведуваа облека, редовното производство на гардероба го заменија со правење на толку потребните маски. Владата организираше интервентен увоз на респираторни машини, а Словенците полека се привикнуваа на новите рестриктивни мерки.

Тие денови беше забранет јавниот превоз, сите мали несуштински бизниси беа затворени, болниците се трансформираа во Ковод-центри, а на граѓаните не им беше дозволено да се групираат на јавен простор. Во државата станаа отворени само продавниците за храна, аптеките и бензинските пумпи.

Место полициски час – затворени општини

На граѓаните никогаш не им беше забрането да одат во природа. Но, кога се увиде дека за време на викендите излетничките места се полнат, владата реши да го ограничи движењето на граѓаните само во општини каде што живеат. Љубљанчани се движеа само во Љубљана, а истото важеше за буквално сите општини без разлика колку жители имаат. Исклучени од ова ограничување беа само оние граѓани кои мораат поради работни обврски да патуваат во друга општина или ако некој се грижи за старо и изнемоштено лице. Мерката беше на сила речиси месец и половина.

Во Словенија никогаш немаше полициски час, па така наместо со полициска наредба граѓаните да се држат дома, само им се ограничи просторот каде што можат да се движат. Според словенечките епидемиолози на овој начин се спречи вирусот да се префрла од општина во општина. Жариштата се локализираа, а на докторите им беше полесно да си изолираат заразените и да ги најдат лицата кои имале контакти со нив. Соработката меѓу епидемиолозита и граѓаните беше беспрекорно добра.

Пред и после победата врз вирусот

Коронавирусот беше во фокусот на медиумите. Граѓаните секојдневно добиваа безброј информации за Ковид-19. Спотови со препораки како правило се носат маски и зошто се тие важни ги преплавија медиумите. Словенците ги почитуваа мерките. Се создаде позитивен натпревар кој ќе биде по одговорен и како секој може да му помогне на општеството погодено од пандемијата. Имаше секако и исклучоци, односно граѓани кои не се придржуваа до мерките, но тие веднаш беа санкционирани од полицијата. Ваквите мерки доведоа до пад на бројот на новозаразени. Во април тој значително се намали, а во мај имаше повеќе денови со нула заразени.

Смртноста не беше мала. Досега 109 лица во Словенија починаа како последица од Ковид-19. Огромен дел од нив беа пензионери. За жал старечките домови кои ги има многу низ земјата беа своевидни жаришта на заразата. Здравствените власти објавија дека 25 отсто или една четвртина од станарите во Домот за стари лица во Метлика починаа како последица од Ковид-19.

По прогласување крај на епидемијата останаа да важат некои мерки на заштита. Носењето на заштитни маски во затворени простори и се уште обврска, а без нив нема да ви биде дозволено воопшто да влезете во продавниците. Ако тоа сепак го направите веднаш ќе бидете пријавени во полиција.

Лекарите многу пати им се заблагодарија на граѓаните кои ги почитуваа нивните препораки и мерки. Големата дисциплина и грижата за државата, во комбинација со навремените мерки според нив, е главната и причина зошто Словенија не го доживеа „италијанското сценарио“ и стана првата држава во ЕУ која го победи коронавирусот, барем во „првото полувреме“.

Александар Видиновски

Back to top button
Close
Close