Дописници МКДОпштински вести

Се решава проблемот со водоснабдување на светиниколското село Горобинци

Почна чистењето на бунарите во месноста „Дивљак“ во Свети Николе, од каде што жителите на селото Горобинци оваа лето ќе добиваат вода за пиење.

Штип, 22 јануари 2020 (МИА) – Почна чистењето на бунарите во месноста „Дивљак“ во Свети Николе, од каде што жителите на селото Горобинци оваа лето ќе добиваат вода за пиење.

Градоначалникот на Општина Свети Николе, Сашо Велковски за МИА вели дека еден од шестте активни бунари ќе се користи за вода за пиење за околу 700 жители во ова село.

– Почнавме со чистење на алтернативните бунари во месноста „Дивљак кои беа заборавени од претходната власт и оставени на милост и немилост, иако за нив се потрошени неколку милиони евра народни пари. Со ова планираме рестартирање на бунарите, нивно ставање во функција и задоволување на потребите со вода за жителите во село Горобинци и повисоките места во градот, вели Велковски.

Тој изјави дека во текот на денот го очекува проектот за изградба на цевководот долг над три километри, од овие бунари до селото Горобинци, по што во текот на наредната недела ќе го распише јавниот повик за фирмите, кои се заинтересирани за негова изградба.

– Во буџетот имаме планирано два милиони денари за цевководот и 3.700.000 денари за нов песочен филтер за шестте активни бунари, доколку се потребни дополнителни средства ќе ги обезбедиме и од нашиот буџет, вели Велковски.

Овие бунари во Свети Николе се познати на јавноста по тоа што во 2008 година, кога тогашниот градоначалник Слободан Даневски пред медиумите и жителите илустративно се полеа со кофа вода, со што бунарите беа пуштени во употреба. Од страна на локалната власт беа користени речиси една година за потребите на градот Свети Николе, но потоа повторно системот го приклучија на браната Мавровица, а по извесно време и на Хидросистемот „Злетовица“. Пред 11 години во овие бунари беа инвестирани околу 1,5 милиони евра. Во моментов три од деветте бунари се пресушени, додека останатите шест имаат вода. Во овој момент, од еден од бунарите, со вода за пиење се снабдуваат жителите на село Кнежје, а по изградбата на цевководот до селото Горобинци ќе се стави и уште еден бунар, додека останатите ќе се користат за потребите на повисоките зони на градот во текот на летните горештини. вдј/фф/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close