0_Македонија.ПорталДописници МКДОпштински вести

Се реконструира дел од канализациската мрежа во Кочани и во населбата Оризари

Локалната самоуправа на Кочани го почна проектот за рехабилитација на дел од канализациската мрежа во централното градско подрачје, како и во населбата Оризари, а паралелно со тоа се изведуваат и градежни работи за зафаќање на атмосферски води во месноста Кочански Дол.

Кочани, 17 април 2021 (МИА) – Локалната самоуправа на Кочани го почна проектот за рехабилитација на дел од канализациската мрежа во централното градско подрачје, како и во населбата Оризари, а паралелно со тоа се изведуваат и градежни работи за зафаќање на атмосферски води во месноста Кочански Дол.

Во Оризари се работи на потегот западно од коритото на Оризарска Река, каде се поставува нова атмосферска канализација. Третманот на фекалните води ќе се подобрува и со два нови колектора од 1,5 километар, од двете страни на реката, со што ќе се заменат досегашните собирни одводи.

– Потребата за реконструкција на дел од канализацискиот систем во Оризари е поради големата инфилтрација на подземна вода во двата главни колектора од двете страни на реката. Покрај тоа, наскоро ќе се реконструира и канализациската мрежа во селото Тркање, односно сите фекални води ќе се поврзат со пречистителната станица во Мојанци и ќе се решат спорните делници со несоодветна нивелација за да се спречи нивното излевање во Трканска Река, истакна Александар Јосифов, секретар на Општина Кочани.

На улицата ,,Вера Которка“, од левата страна на Кочанска Река кај железничкиот мост во Кочани, ќе се гради нов цевковод за собирање отпадни води, што ќе биде паралелен со постојниот.

За рехабилитација на дел од канализациската мрежа во градот и во населените места Оризари и Тркање се наменети околу 85 милиони денари, средства донирани од Швајцарската агенција за развој и соработка, во кои Општина Кочани кофинансира десет отсто.

Рокот за реализација на проектот „Продолжување и дозавршување на проектот Пречистителна станица за отпадни води – Мојанци“ е до втората половина на 2022 година. та/бк/

Back to top button
Close
Close