Општински вестиСкопје

Се расчистува теренот за изградба на нов парк во Карпош 4

Скопје, 9 март 2020 (МИА) – Во скопската населба Карпош 4, покрај булеварот „Илинден“, во тек се интензивни активности за расчистување и рамнење на теренот за изградба на нов парк.

Веќе неколку денови, механизацијата работи на терен и го расчистува градежниот шут и кабаст отпад што со децении се одложувал на оваа јавна површина, информираат од Општина Карпош.

Во активностите за чистење на теренот учествуваат Градот Скопје и Општина Карпош. Локалната самоуправа учествува со осум милиони денари буџетски средства, кои се наменети за подготвителните активности: обезбедување на механизација за чистење и рамнење на теренот.

Новиот парк ќе се простира на 60.000 м2 и ќе се надоврзе на Спортско – адреналинскиот дел, на кој веќе интензивно се работи (кај Алпинистичката карпа).

Предвидено е во паркот да доминира зеленилото, со посебен систем за наводнување, но, ќе има и ботаничка градина и рекреативни содржини.

Во планирањето на јавниот простор вклучена е и стручната јавност, со тоа што Градот објави конкурс за избор на идејно решение за изгледот на паркот. Конкурсот трае до 16 – ти март, по што комисијата ќе ги оценува пристигнатите решенија.са/

 

Back to top button
Close
Close