0_Web_Актуелно0_Македонија.ПорталMakedonija.SlajderОпштествоПолитика

Се прават подготовки за отворање на градинките под посебни протоколи

Заменичка на претседателот на Владата задолжена за економски прашања, Мила Царовска, изјави дека тестирањето на кадарот во градинките од Ковид-19 е подготовка за постепено ставање во функција на овие установи.

Скопје, 13 мај 2020 (МИА) – Заменичка на претседателот на Владата задолжена за економски прашања, Мила Царовска, изјави дека тестирањето на кадарот во градинките од Ковид-19 е подготовка за постепено ставање во функција на овие установи.

– Ако почнеме да ги ослободуваме сите капацитети, економски, навистина градинките треба полека да се стават во функција, не со полн капацитет, не со бројот на деца кои што предходно сме го имале, но секако со посебни протоколи, рече Царовска во гостувањето на емисијата „Програма 200“ на Алсат телевизија.

Таа, како што соопшти нејзиниот кабинет, истакна дека заштитната функција на градинките секако во еден дел не е само oбразовна и воспитна, туку и сервис којшто им помага на родителите да може да ги остваруваат своите работни задачи.

– Знаете дека Владата донесе мерки со коишто ослободи еден дел од родителите од своето работно место, да може да се грижат за децата, како субститут на сервисот градинка. Но, ако почнеме да ги ослободуваме сите економски капацитети, навистина градинките треба да се стават во функција. Еден од чекорите е тестирање на вработените, објасни вицепремиерката Царовска.

Според неа, како општество, генерално досега добро се справуваме со целата оваа ситуација, а граѓаните во голема мера ги почитуваат мерките за заштита и превенција. вг/сп/

Back to top button
Close
Close