Дописници МКДОпштински вести

Се отстрануваат привремени објекти пред општинската зграда во Кичево

Привремените објекти кои пред три децении беа поставени пред општинската зграда во Кичево и беа наменети за канцеларии, бутици, фризерници и други дејности, деновиве засилено се отстрануваат.

Кичево, 21 јули 2021 (МИА) – Привремените објекти кои пред три децении беа поставени пред општинската зграда во Кичево и беа наменети за канцеларии, бутици, фризерници и други дејности, деновиве засилено се отстрануваат.

-За да ја отстраниме грдата слика на улицата „Борис Кидрич“ и  да добиеме повеќе простор,  ги отстрануваме времените објекти поставени пред општинската зграда, од кои повеќето во последно време беа затворени и без вистинска намена.На просторот од овие објекти во иднина ќе се добие нов тротоар и паркинг-простор, а ќе се отвори и убава глетка кон општинската зграда и Катастарот, велат од Општина Кичево.

Покрај овие објекти, ќе биде извршено отстранување и на привремените објекти поставени наспроти ОУ„ Кузман Јосифовски-Питу“, каде акцијата допрва треба да се реализира.

-Со отстранување на времените објекти кај училиштето „Кузман Јосифоски Питу“, ќе се добие повеќе простор, како за поширок тротоар, така и  поширока  сообраќајница. Добар дел од овие времени објекти подолго се  затворени и без фактичка функција. Откако целосно ќе се отстранат овие објекти, ќе може да се пристапи кон изградба на целата должина на улицата, додаваат од Општината од каде посочуваат дека ќе се покрие и каналот Иванидол, кој се наоѓа зад времените објекти и од кој во потоплите месеци се ширеше неподнослива смрдеа.

Инаку, почетокот на изградбата на улицата „Борис Кидрич“ го означи формирањето на три кружни текови по должината на оваа сообраќајница од страна на локалната компанија „Линди“, а по нивното целосно завршување, компанијата „Хидротерм“ ќе отпочне со работа на преостанатите содржини од  улицата.

Според градоначалникот Фатмир Дехари,  во наредните шест месеци улицата треба да биде целосно завршена.  Средствата за изградба ги обезбеди Европска банка. Иизградбата се пролонгира за годинава поради пандемијата со Ковид 19. за/хс/

Back to top button
Close
Close