0_Македонија.ПорталДописници МКДОпштество

Се олеснува доставата на инсулинска терапија за пациентите од Македонска Каменица

Поради ситуацијата со коронавирусот, рецептите за инсулинска терапија за пациентите од Македонска Каменица кои доаѓаат во Делчево  отсега ќе се препишуваат од  медицинска сестра која потоа ќе ги проследи до пациентите.

Делчево, 16 март 2020 (МИА) – Поради ситуацијата со коронавирусот, рецептите за инсулинска терапија за пациентите од Македонска Каменица кои доаѓаат во Делчево  отсега ќе се препишуваат од  медицинска сестра која потоа ќе ги проследи до пациентите.

Ова денеска го соопшти директорката на делчевскиот здравствен дом Марија Глигоровска, која истакна дека обврска на пациентите е да ја контактираат медицинската сестра на кој начин ќе се реализира доставата на терапијата.

– Ние секој вторник праќаме интернист во Македонска Каменица кој таму врши прегледи за нашето население и во меѓувреме ги регулира инсулинозависните пациенти да не доаѓаат во Делчево. Сега поради ситуацијата ова го одложивме за одреден период, ама се договоривме со сестрата која го дава инсулинот пациентите да и се јават по телефон. Таа има податоци за тие пациенти, ќе се јави во Делчево, ќе обезбеди инсулински рецепти кои ќе им бидат доставени. На тој начин, поради тоа што станува збор за загрозена категорија граѓани,  ќе им помогнеме на дијабетичарите кои треба да бидат во самоизолација и во карантин, рече Глигоровска.
Додаде дека истото се однесува и на уверенијата за возачки дозволи кои се издаваат  во Здравствен дом.
-Од истата причина решивме да не издаваме лекарски уверенија освен за итни случаи, но барем овој вторник нема да ги издаваме, а дополнително ќе ги известиме кандидатите кога повторно ќе биде овозможена оваа услуга, додаде Глигоровска.
Во меѓувреме, поради зајакнување на здравствената заштита на населението,  специјализантите се повлечени и се ставени во служба на здравствениот дом од Делчево.
На граѓаните кои доаѓаат од кризните подрачја зафатени со коронавирус од делчевскиот здравствен дом и понатаму им се препорачува да се следат упатствата на лекарите и доколку забележат симптоми  да се консултираат телефонски со својот матичен лекар. вс/хс/

Back to top button
Close
Close