Дописници МКДОпштински вести

Се гради велосипедска патека од Кочани до населбата Оризари

Општина Кочани почнува со реализација на проектот за изградба и обележување велосипедска патека во должина од околу 2,5 километри, на потегот од автобуската станица до населбата Оризари.

Кочани, 6 мај 2021 (МИА) – Општина Кочани почнува со реализација на проектот за изградба и обележување велосипедска патека во должина од околу 2,5 километри, на потегот од автобуската станица до населбата Оризари.

Најголем дел од базната инфраструктура е веќе завршен, односно поставена е асфалтна основа од десната страна на коловозот на булеварот „Тодосија Паунов“. Неопходни се извесни технички уредувања и поставување на соодветна сообраќајна сигнализација, по што велосипедската патека и официјално ќе може да профункционира.

Од локалната самоуправа информираа дека постои техничка можност должината на патеката да се зголеми за уште околу половина километар, односно таа да води до центарот на самата населба.

Истовремено, во план е да се изгради кружна велосипедска патека со должина од околу 15 километри, што ќе поврзува неколку населени места во рамничарскиот дел на општината.

– Во договор со Источно планскиот регион аплициравме на повик за изработка на проектна документација за изградба на велосипедска патека од Кочани, преку селата Горни Подлог, Мојанци, Грдовци, Прибачево и Оризари, а оттаму пак до Кочани. Очекувам дека на повикот ќе ги исполниме условите и ќе се изработи документацијата со која на љубителите на велосипедизмот ќе им понудиме одлични услови за спортување и рекреација, истакна Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.

Обележувањето на велосипедската патека од Кочани до Оризари ќе биде со црвена боја и се очекува тоа да се реализира до крајот на овој месец. Веќе е објавен јавен повик за избор на изведувач, кој исто така ќе има обврска да изврши обележување и на пешачките премини и другата хоризонтална сигнализација. та/аа/

Таг
Back to top button
Close
Close