0_Web_АктуелноSvet.SlajderДописници СветСветСвет.Портал

Сандерс победи во Њу Хемпшир, демократскиот изборен карван продолжува во Невада и Јужна Каролина

Сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс, победи на изборите за номинација претседателски кандидат од демократите што вчера се одржаа во Њу Хемпшир.

Вашингтон, 12 февруари 2020 (МИА) – Сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс, победи на изборите за номинација претседателски кандидат од демократите што вчера се одржаа во Њу Хемпшир.

Согласно прелиминарните резултати од над 90 отсто преброени гласови за Сандерс гласале 26 отсто од излезените демократски гласачи, за Пит Бутиџич, поранешен градоначалник на Саут Бенд, Индијана, гласале 24 отсто, а за сенаторката Ејми Клобучар 20 отсто.

Зад нив се сенаторката Елизабет Ворен и поранешниот потпретседател Џо Бајден, кои добија девет и осум отсто од гласовите, додека милијардерот Том Стајер доби четири отсто.

Се чини дека Бутиџич и Сандерс се позиционираат како водечки фигури и натпреварот меѓу нив, со бројот на освоени гласови и добиени делегати, е речиси изедначен. Со победата во Ајова и успехот во Њу Хемпшир вчера, Бутиџич досега има освоено 23 делегати, додека Сандерс има освоено 21 делегат. За добивање номинација претседателски кандидат потребно е да се освојат 1,991 делегат.

Ова е само почеток на долгата трка во која двајцата ќе ги мерат силите во големите држави како Калифорнија, Тексас, Масачусетс ило Вирџинија. Токму овие држави се дел од група од 14 држави кои избираат на таканаречениот супер-вторник, годинава ќе биде на 3 март, и даваат најголем број делегати за партискиот конгрес во јули кога се номинира претседателскиот кандидат.

Кампањата на демократските претенденти за претседател неделава продолжува во Невада и Јужна Каролина.

Инаку, по малиот број освоени гласови во Њу Хепшир, од претседателската трка синоќа се повлече технолошкиот претприемач Ендру Јанг. кб/сд/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close