0_Македонија.ПорталОпштество

РСБСП: Возачите и патниците секогаш мора да користат сигурносен појас, дури и на најкратките патувања

Сигурносниот појас не влијае на тоа дали ќе се случи одредена сообраќајна незгода или не, но значително влијае на тоа какви ќе бидат последиците од сообраќајните незгоди. Затоа возачите и патниците секогаш мора да користат сигурносен појас, дури и на најкратките патувања, порачува Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).

Скопје, 16 јануари 2020 (МИА) – Сигурносниот појас не влијае на тоа дали ќе се случи одредена сообраќајна незгода или не, но значително влијае на тоа какви ќе бидат последиците од сообраќајните незгоди. Затоа возачите и патниците секогаш мора да користат сигурносен појас, дури и на најкратките патувања, порачува Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).

За жал, велат од РСБСП, фактите и состојбите покажуваат дека голем дел од возачите и патниците не користат сигурносен појас.

– Основната цел на користењето на сигурносниот појас е да ги чува возачот и патниците на своите места во случај на судир, да се намали движењето на телото напред и назад во случај на фронтален судир и да се спречат повредите поради контакт со внатрешни делови од автомобилот. Сигурносниот појас одзема голем дел од енергијата ослободена при судир и ја дистрибуира и дисперзира на појасот и разните делови од телото, ефикасно намалувајќи ги последиците од судирот на поединечните делови на телото, порачуваат од РСБСП.

Покрај тоа, додаваат, сигурносниот појас обезбедува ефикасна заштита на возачите и патниците во комбинација со воздушно перниче и други безбедносни елементи (потпирачи за глава, ергономски седишта, шасија на возилото, и др).

– Важно е да се истакне дека кај голем дел од современите моторни возила вклучувањето на воздушните перничиња во случај на сообраќајна незгода е условено од користењето на сигурносниот појас, истакнуваат од РСБСП.

За да може целосно да се исползуваат ефектите од сигурносниот појас, посочуваат од Советот, многу важно е правилно да се користи – горниот дел на појасот да се протега преку рамото (не преку вратот), а долниот дел да се протега под стомакот и над колковите. Појасот треба да биде прилепен што е можно поблиску до телото, не смее да биде заплеткан и лабав.

– Ако возилото учествувало во сообраќајна незгода, сите користени безбедносни појаси треба да се заменат, дури и ако штетата не е видлива. Треба да се проверуваат безбедносните ремени повремено за да се утврди потенцијална штета и да не се корстат агресивни средства за чистење, бидејќи тие можат да го ослабат ременот. Специјалните додатоци кои наводно ја зголемуваат удобноста при користење појас спречуваат автоматско затегнување на појасот и затоа се многу опасни. Појасот не е добро затегнат кога користите такви додатоци и на тој начин може да предизвикате сериозни повреди во случај на сообраќајна незгода, велат од РСБСП. вј/сп/

Back to top button
Close
Close