СветСвет.Портал

Рохани: Европските војници би можеле да бидат во опасност

Иранскиот претседател Хасан Рохани предупреди денеска дека европските војници на Блискиот Исток „би можеле да бидат во опасност“, откако три европски држави го предизвикаа Техеран поради непочитување на обврските од нуклеарниот договор.

Техеран, 15 јануари 2020 (МИА) – Иранскиот претседател Хасан Рохани предупреди денеска дека европските војници на Блискиот Исток „би можеле да бидат во опасност“, откако три европски држави го предизвикаа Техеран поради непочитување на обврските од нуклеарниот договор.

Изјавите на иранскиот претседател се дадени на владина седница и претставуваат прва директна закана упатена кон Европа во момент кога постојат големи тензии меѓу Техеран и Вашингтон поради повлекувањето на американскиот претседател Доналд Трамп од договорот во мај 2018 година.

– Денес е американски војник во опасност, утре би можел да биде европски војник во опасност, истакна Рохани.

Европските сили се распоредени заедно со американските во Ирак и Авганистан.

Франција има поморска база во Абу Даби, главниот град на Обединетите Арапски Емирати, додека Велика Британија има база во Бахреин.

Рохани посебно упати критики за европските „неосновани“ зборови во врска со нуклеарниот договор.

Иран се надеваше на Европа дека ќе понуди начин на кој Техеран би можел да ја продава својата нафта во странство, и покрај американските санкции. Меѓутоа, механизмот за трговија не профункционира.

По убиството на иранскиот генерал Касим Сулејмани, Иран соопшти дека повеќе нема да се придржува кон ниту едно ограничување од нуклеарниот договор. гт/

Таг
Back to top button
Close
Close