СветСвет.Портал

Ривлин: Срам ми е што гласам третпат за помалку од една година

Претседателот на Израел, Рувен Ривлин денеска изјави дека се срами поради тоа што гласа третпат за помалку од една година на парламентарни избори

Тел Авив, 2 март 2020 (МИА) – Претседателот на Израел, Рувен Ривлин денеска изјави дека се срами поради тоа што гласа третпат за помалку од една година на парламентарни избори.

– Ова е нормално свечен ден, но вистина е дека не се чувствувам славенички. Чувствувам само длабока срамота кога ќе се соочам со Вас граѓаните, истакна Ривлин додека гласаше во ерусалимскиот кварт Беит Хакер.

Тој додаде дека Израелците не го заслужуваат тоа.

– Ние не заслужуваме уште една ужасна и груба изборна кампања, како ова што денеска завршува и не заслужуваме бескрајна нестабилност. Заслужуваме влада која работи за нас, посочи Ривлин.

Во Израел денеска почна гласањето за третите парламентарни избори за помалку од една година на кои се одлучува дали премиерот Бенјамин Нетанјаху ќе остане на власт и покрај претстојното судење заради обвинувањата за корупција.

Израелскиот премиер, кој на оваа функција е во последните 13 години, на чело на преодната влада се наоѓа подолго од една година.

По двете рунди избори, во април и во септември, немаше јасен победник и не беше формирана влада, па беа распишани трети избори, што досега се нема случено во историјата на Израел.

Испитувањата на јавното мнение покажуваат дека политичкиот застој може да продолжи и покрај денешното гласање.

Нетанјаху тежнее по петти пат да стане премиер, од што четврти пат по ред. Неговиот главен ривал, како и на изборите во 2019 година, е поранешниот началник на израелскиот Генералштаб, Бени Ганц. ми/

Таг
Back to top button
Close
Close