0_Македонија.ПорталОпштествоСкопје

„Дрисла“ стана ЈП на Град Скопје, Шилегов нема сознанија за опасен отпад во земјава, истрагата во Бургас продолжува

На депонијата „Дрисла“, која од вчера со решение на Централен регистер стана јавно претпријатие, но и во земјава, според сознанијата со кои располага градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов легално нема увезено опасен отпад, а прашањето се актуелизираше откако Обвинителството во Бургас отвори истрага за нерегулиран увоз на 25 контејнери со италијански отпад на пристаништето во бугарскиот град. Со случајот се поврзува трговското друштво „Блацион“ ООД,  со адреса и седиште во Софија, а со нејзиното сопствеништво, пак се поврзуваат Блаже Игњатовски и Горан Ангелов, актуелен директор на „Дрисла“.

Скопје, 21 јануари 2020 (МИА) – На депонијата „Дрисла“, која од вчера со решение на Централен регистер стана јавно претпријатие, но и во земјава, според сознанијата со кои располага градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов легално нема увезено опасен отпад, а прашањето се актуелизираше откако Обвинителството во Бургас отвори истрага за нерегулиран увоз на 25 контејнери со италијански отпад на пристаништето во бугарскиот град. Со случајот се поврзува трговското друштво „Блацион“ ООД,  со адреса и седиште во Софија, а со нејзиното сопствеништво, пак се поврзуваат Блаже Игњатовски и Горан Ангелов, актуелен директор на „Дрисла“.

Според последните информации од Обвинителството во Бургас отпадот откриен во контејнерите не е радиоактивен или токсичен, но сепак утврдена е неусогласеност меѓу наведеното во документацијата на контејнерите и нивната содржина.

Отпадот е транспортиран со брод на 5 септември минатата година и му е определен режим на времено складирање во рок од 90 денови. Истрагата продолжува, се земаат примероци од сите контејнери, а ќе биде побарана и меѓународна потерница за истрагата, бидејќи контејнерите доаѓаат од Италија.

Отпадот бил наменет за фирма во Плевен 

Италијанскиот отпад за кој Обвинителството во Бургас заклучи дека не бил токсичен и радиоактивен требало да заврши во фирма во Плевен, а не како што претходно тврдеа Игњатовски и Ангелов дека бил наменет за ТЕЦ „Бобов дол“

Ангелов во изјава дадена за МИА посочи дека отпадот доколку добие дозвола ќе се пренесе во ТЕЦ „Бобов дол“ или ќе се врати повторно во Италија. Игњатовски пак за МИА изјави дека отпадот од пристаништето во Бургас требало да биде пренесен во Термоцентралата „Бобов дол“, но откако пристигнал отпадот, на бугарската ТЕЦ и истекла лиценцата за горење на отпад.

Игњатовски за МИА додаде дека станува збор за пластика и гуми и оти тоа што е пронајдено – текстил, дрво, стакло, што како што посочиле од бугарското Обвинителство, е дозволено. Потенцираше дека тоа ќе го докажат и експертите откако ќе го испитаат отпадот.

„Блацион“ излезе со демант – Ние сме посредник, а не производител

Компанијата „Блацион“ вчера излезе со демант, како што посочи во врска со информациите што деновиве протекоа во дел од медиумите за увоз на отпад од Италија во Бугарија.

– Друштвото „Блацион“ е посредник, а не производител на отпадот и за тоа поседува соодветна лиценца. Производителот на отпадот е тој кој е одговорен за квалитетот на отпадот и одговара за тоа како го декларирал. Категорично ги демантираме сите други шпекулации со кои се поврзува нашата компанија во врска со овој случај и натаму нема да толерираме дезинформации кои го уриваат реномето на нашата компанија и затоа ќе преземеме соодветни правни мерки, се вели во демантот објавен од управителот на „Блацион“ Игњатовски.

Во демантот се додава дека вчера изутрината од Јавното обвинителство на Бургас соопштиле дека по извршените контролни анализи на предметниот отпад категорично тврдат дека не се работи ниту за опасен, ниту за токсичен отпад.

Царина го подигна степенот на проверка и контрола на отпадот

Истрагата во Бугарија го вклучи алармот и кај Царината, која најави дека дополнително го подигна степенот на проверка и контрола на секаков вид отпад и материи кои би можеле да го загрозат здравјето на граѓаните.

– Согласно стратешките определби на Царинска управа во насока на безбедноста и здравјето на граѓаните, увозот и контролата на опасен отпад, како стока со ризик, секогаш е предмет на царинска контрола и во рамките на надлежностите на ЦУ истата се спроведува согласно законот. Тоа подразбира задолжително поседување на соодветна дозвола за увоз од надлежното Министерство, во случајов тоа е Министерство за животна средина и просторно планирање, велат од Царинската управа.

Согласно нивните податоци, посочуваат од ЦУ, компанијата „Блацион ДОО“ што се спомнува како увозник на опасен отпад во Бугарија не се појавува како испраќач во увозна царинска постапка во земјава.

– Вкупната количина на увезен отпад за изминатата година е 2.215 тони за кои што секој увозник уредно доставил дозвола издадена од соодветното министерство и при тоа не станува збор за увоз на опасен отпад, порачувааат од Царинската управа и додаваат дека во 2019 година само една компанија користела гориво од отпад.

Со цел утврдување на евентуални неправилности, прецизираат, Царинската управа во соработка со Министерството за внатрешни работи презема активности во насока на истражување на увозот на отпад.

Шилегов со сознанија дека легално опасен отпад не е внесен, но сепак апелира да се проверат сите информации

Шилегов вчера на прес-конференција рече дека според информациите со кои располагаат опасен отпад во земјава и во „Дрисла“ не е внесен, но додаде дека тоа треба да се провери и ги повика и надлежните инстиутции и граѓанските организации да разменат доколку имаат информации за евентуални нерегуларности.

– Градот Скопје не е орган кој на каков било начин е поврзан со увоз на отпад. И прашањето е за Царинската управа. Она што јас го имам како информација е дека легално не е внесен отпад во „Дрисла“, рече Шилегов на прес-конференцијата на која соопшти дека со депонијата „Дрисла“ повторно ќе управува Градот Скопје.

Според него, ако нешто е добро во таа работа е што се однесува на соседна држава, а не се однесува на градот Скопје, но, истакнува дека не може да биде исклучив во ниту еден одговор на таа тема и ги повика и надлежните институции по преземањето на Дрисла и граѓанските асоцијација, кои имаат определени сознанија за евентуални можни нерегуларности, да ги разменат за да се дојде до фактичката состојба.

Шилегов потенцира дека нема сознанија дали депонијата има дозвола од 2016 година да депонира опасен отпад, но рече дека сепак тоа е нешто што сака да се провери.

Дрисла по девет години стана ЈП на Град Скопје

„Дрисла“, изградена и отворена од Градот Скопје во 1994 година и лоцирана е во југоисточниот дел од градот, на оддалеченост од 14 км од центарот, пред девет години во мандатот на тогашниот градоначалник Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ, беше дадена под концесија на „ФЦЛ Амбиенте“ за следните 35 години. На тендерот второпласирана фирма беше германскиот „Шолц“, кој поднесе жалба на решението.

– Со ова решение од Централен регистар денеска и официјално завршува деветгодишната авантура на ВМРО-ДПМНЕ со која овој моќен градски капацитет беше даден на користење на несоодветни т.н. партнери на градот. Во периодот што следува, за исправноста на работењето на депонијата „Дрисла“ ќе одговара Град Скопје и јас лично како ваш градоначалник, рече Шилегов на вчерашната прес-конференција.

Во текот на денешниот ден ќе биде разрешен досегашниот директор Ангелов и ќе биде именуван нов в.д. директор, а по седницата на Советот на Град Скопје закажана за 29 јануари ќе бидат избрани управен и надзорен одбор на сега веќе градското јавно претпријатие за управување со комунален отпад.

Шилегов наведе дека се уште не е донесена одлука за в.д. директор на „Дрисла“ и додаде оти во текот на вчерашниот ден ќе ги завршат сите потребни консултации со луѓето кои се евентуално потенцијални кандидати.

Тој уверува дека враќањето на Дрисла во владение на Град Скопје не може во иднина да биде предмет на тужба за надомест на штета од оштетени страни.

Депонијата се простира на 76 хектари, со проектен капацитет од 26 милиони метри кубни депониран комунален отпад. Во проектната документација, како што се наведува на веб страницата на „Дрисла“, се планира дека депонијата ќе биде наполнета за околу 30 години, но во досегашната експлоатација од 16 години, истата е исполнета до 33 отсто од вкупниот капацитет. „Дрисла“ е регистрирана за следниве дејности – обработка и отстранување на безопасен отпад, собирање на опасен отпад и обработка и отстранување на опасен отпад. ац/бак/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close