0_Македонија.ПорталОпштество

Реновиран вакциналниот пункт во Поликлиниката во Ѓорче Петров и набавен рендген апарат

Реновиран вакцинален пункт е пуштен денеска во употреба во Поликлиниката во Ѓорче Петров, каде е набавен и нов рендген апарат.

Скопје, 11 февруари 2020 (МИА) – Реновиран вакцинален пункт е пуштен денеска во употреба во Поликлиниката во Ѓорче Петров, каде е набавен и нов рендген апарат.

По тој повод, Поликлиниката денеска ја посетија министерот за здравство Венко Филипче, директорите на Здравствениот дом Скопје, Виктор Исјановски и Бесим Кока, како и градоначалникот на општината Ѓорче Петров, Александар Наумоски.

– Ова е еден исклучителен дел од Здравствениот дом заради тоа што тука циркулираат близу 6.500 деца од целиот овој регион кој брои 130.000 жители од општините Ѓорче Петров, Карпош и Сарај. Во Поликлиниката има кадар кој работи со години наназад. Во овие реновирани простории условите за дечињата се попријатни за да се спроведе процесот на имунизација. На територијата на Скопје исклучително е висок опфатот после епидемијата, после мерките за задолжително вакцинирање пред прием во градинка и почитување на законот за прием на вакцинирани деца во училиштата, кој е над 99 проценти во Скопје и над 95 проценти ширум државата, изјави Филипче.

За неколку дена, потенцира, во Поликлиниката ќе биде ставен во функција и новиот рендген дигитален апарат, со што на жителите на овој регион значајно ќе им биде олеснет пристапот кон оваа услуга за да не мора да одат до ГОБ „8 Септември“, Градската болница или во Клиничкиот центар.  Потенцира дека преку системот „МојТермин“ ќе се скрати времето на чекање и таа услуга многу побрзо може да се добие за сите кои циркулираат во овој дел на градот.

Тој рече дека во периодот кој следи дополнително ќе се зајакне и Службата за Итна медицинска помош (ИМП) со возилата кои ги очекуваат, а се набавени преку Министерството за здравство и преку кинеската помош.

– Тоа се 70 возила кои ќе бидат соодветно дистрибуирани пред се за да се зајакне Службата на ИМП тука во Скопје, но и во сите итни служби и патронажни сервиси ширум државата. Со тоа заедно со мерката за вработување на сите доктори со стаж кој е платен 30.000 денари и тие практично почнуваат со работа непосредно по добивањето на лиценцата од Лекарската комора за што имаат отворен процес на аплицирање и кој како завршува веднаш може да почне согласно местото на живеење. Сериозно зајакнуваат капацитетите на Здравствениот дом Скопје, на сите здравствени домови ширум државата во делот на Итната служба, патронажните сервиси и вакциналните пунктови, додаде Филипче.

Директорот на Здравствениот дом Скопје, Виктор Исјановски рече дека од понеделник почнуваат со реновирање на вакциналниот пункт во Поликлиниката „Јане Сандански“ каде ќе се инсталира нов рендген дигитален апарат, а таму има и компјутер. Посочи дека со Управата разговарале годинава поголем акцент да дадат на поликлиниките Ченто и Драчево и да им се доделат поголем дел од финансиските средства, бидејќи и таму има многу работа.

Градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Наумоски истакна дека општината нема надлежност во делот на здравствената заштита, меѓутоа заедно со комуналните служби редовно се одржува Поликлиниката во Ѓорче Петров, дополнително донирале мебел за опремување на детското катче на вакциналните соби, ги смениле дотраените клупи…

– Во соработка со Министерството за здравство и управничката на Поликлиниката стоиме на располагање во рамки на тоа првенствено нашите деца да имаат примарна добра заштита и повозрасните да се чувствуваат пријатно во Поликлиниката, додаде Наумоски.

Директорот на Здравствениот дом Скопје, Бесим Кока рече дека со Министерството за здравство и со општината се обидуваат максимално да обезбедат апаратура за поквалитетна здравствена услуга и здравствените работници да пружат подобра здравствена услуга. рп/бак/

Back to top button
Close
Close