Дописници МКДОпштински вести

Расте бројот на хоспитализирани пациенти од Ковид 19 во кумановската болница

Расте бројот на хоспитализирани пациенти од Ковид 19 на инфективното одделение во кумановската општа болница, информираа денеска надлежните. Бројките на хоспитализираните и прегледани во дневната болница од почетокот на август растат во однос на јули, соопштија надлежните, кои додаваат дека трендот на пораст на заболени во државата не го одминува ниту Куманово.

Куманово, 5 август 2021 (МИА) – Расте бројот на хоспитализирани пациенти од Ковид 19 на инфективното одделение во кумановската општа болница, информираа денеска надлежните. Бројките на хоспитализираните и прегледани во дневната болница од почетокот на август растат во однос на јули, соопштија надлежните, кои додаваат дека трендот на пораст на заболени во државата не го одминува ниту Куманово.

– Во моментов имаме 13 лежечки пациенти од кои 11 се на кислородна поддршка. 11 се позитивни, двајца ни се сомнителни, чекаме да ги добиеме резултатите. Имаме и во дневна болница кои примаат терапија, од нив четворица се позитивни, еден е негативен. За двајцата за кои чекаме потврда за Ковид 19 се вакцинирани со една доза вакцина, додека останатите кои се потврдени и кои се на кислородна поддршка се невакцинирани пациенти, изјави Сунчица Јосифова, од инфективното одделение.

Таа појаснува дека пациентите кои болнички се лекуваат се со потешка клиника слика, претежно се повозрасни луѓе со коморбидитети, дијабет, срцеви заболувања, покачен притисок и обезни пациенти, што ја комплицира клиничката слика.

Јосифова апелираше до граѓаните да се вакцинираат, да се заштитат себеси и блиските.

– Тоа е единствена заштита од ковид вирусната инфекција. Вакцината во голем процент штити од заболување. Ниту една вакцина не штити 100 проценти, затоа сограѓаните да се придржуваат на препораките од Министерството за здравство, носење маска во затворени простории, држење дистанца, лична хигиена особено на рацете и што е можно помалку групирања во затворен простор, советува Јосифова.

Претходно општата болница Куманово имаше три одделенија каде се лекуваа ковид заболените пациенти, кои по подобрувањето на епидемиолошката состојба беа затворени. ам/оџ/

Back to top button
Close
Close