0_Web_Насловна-слајдер0_Македонија.ПорталВидео изјаваПолитика

Радман – Димитров: Извештајот е добар знак дека Северна Македонија оди во добра насока

 Хрватска силно ја поддржува позитивната одлука за отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија и тоа во континуитет го истакнуваме, им го зборуваме на нашите партнери во ЕУ, рече министерот за надворешни работи Горан Грлиќ Радман  на прес-конференцијата попладнево во МНР во Скопје, со неговиот домаќин, министерот Никола Димитров.

Скопје, 2 март 2020 (МИА) –  Хрватска силно ја поддржува позитивната одлука за отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија и тоа во континуитет го истакнуваме, им го зборуваме на нашите партнери во ЕУ, рече министерот за надворешни работи Горан Грлиќ Радман  на прес-конференцијата попладнево во МНР во Скопје, со неговиот домаќин, министерот Никола Димитров.

Додаде дека неговата посета коинцидира со позитивниот извештај за реформскиот напредок на земјава, истакнувајќи дека е тоа многу важен настан и позитивен знак дека Северна Македонија оди во добра насока.

– Секако, донесувањето на одлуката за отворање на преговорите со Северна Македонија и Албанија ние го гледаме како вовед во самитот во мај во Загреб и ние сметаме дека самитот е клучната цел на нашето претседавање со Советот на ЕУ. Самитот „Европска унија – Западен Балкан“ ќе се одржи 20 години по Самитот во Загреб кој ја отвори европската перспектива за Хрватска и цела ЈИЕ и нашата желба е годинашниот загрепски самит да биде пресвртница во односите на ЕУ и земјите од Западен Балкан и дека тој ќе им го покаже јасниот пат на сите држави од ЈИЕ или Западен Балкан. Тоа е политички процес, Западен Балкан не е географски поим, не е ни политички поим, не е прецизен поим, тоа е политички процес. Јас повеќе сакам да кажам ЈИЕ бидејќи ако зборуваме за Западен Балкан треба да се запрашаме каде е источен Балкан, а него го нема, рече Радман.

Успеавме со поддршка на нашите европски партнери, како што нагласи, темата за проширувањето да ја вратиме во приоритетите на ЕУ.

– Продолжувањето на политиката за проширување која е заснована на доследно исполнување на критериумите е од клучна важност за стабилноста и безбедноста на целата ЈИЕ. Разговаравме и за комуникацијата на ЕК за забрзувањето на методологијата за пристапување и заклучивме дека таа методологија добро ја истакнува европската перспектива на државите од Западен Балкан во времето на новите геополитички предизвици и потреби, рече Радман.

Истакна дека Северна Македонија во Хрватска ќе има активен заговарач кој ќе дава секаков вид подршка зашто тоа, рече, ќе биде и успех за Хрватска, порачувајќи дека земјава ќе треба да ја исполнува својата работа, а Хрватска ќе бидеме и тогаш поддршка со нејзините искуства.

Северна Македонија, нагласи, заслужува да се почитува ветувањето и притоа рече дека не е лесно да се смени името на државата.

Министерот Никола Димитров смета дека има три нови елементи во однос земјите кои се скептични за проширувањето на ЕУ и дека допрва ќе се види нивниот став, особено  во Холандија каде претстои парламентарна дебата.

-Има нова методологија која на земјите членки им дава поголемо влијание во процесот, воведува иреверзибилност, а и можност национални експерти, нивни експерти заедно со Комисијата да прават оценување и да прават извештаи за прогрес или немање прогрес. Вториот елемент се овие извештаи денеска објавени и конечно извесно поместување или позитивни сигнали од претседателот Макрон за време на Минхенската безбедносна конференција. Овие три нови елементи се контекстот во кој овие земји ќе ги носат своите одлуки, посочи Димитров.

Одговарајќи на новинарско прашање, Димитров рече дека според првичните реакции на земјите членки на ЕУ тие ценат дека нашиот извештај е реален што укажува, како што рече, дека работите што се направени ги имаме исполнето условите за почеток на пристапниот процес.

Европската Комисија (ЕК) претпладнето ги објави и официјално двата извештаја за реформскиот напредок на Северна Македонија и Албанија, наменети за земјите членки на Унијата да донесат одлука на крајот на овој месец за почеток на преговорите.

Во однос на диманиката за Албанија, Димитров рече дека тоа е одлука на земјите членки. – Да бевме ние на масата, исто така ќе поддржевме отворање пристапни преговори со Албанија. Прво затоа што сме соседи. Второ затоа што тоа е добро за регионот, а трето тоа го заслужуваат, рече Димитров.

Целосен неуспех е, како што рече, ако нема ниту една позитивна одлука, по се ова што се направи изминативе години.

– Практично најголемата колатерална штета ќе биде токму на политиката на ЕУ во однос на нашиот регион. Ако има нула успех во следниве седмици и месеци тоа практично ќе биде знак дека вратата ЕУ ја затворила. Затоа влогот е многу, многу голем и сега ќе треба многу мудрост како од оваа комплексна ситуација да се извлече најдобро што може. И тука мислам дека нашите хрватски пријатели ќе биадт од голема помош, истакна Димитров. мд/хс/

 

Прес конференција на Димитров и Радман

Posted by MИА.mk on Понеделник, 02 март 2020

 

 

Back to top button
Close
Close