0_Македонија.ПорталОпштински вестиСкопје

Пуштен во употреба булеварот „Босна и Херцеговина“ во Бутел

Денеска официјално беа пуштени во употреба последните 500 метри од новопроектираниот и новоизведениот булевар „Босна и Херцеговина“, кој што сега се спојува со булеварот „Словенија“.

Скопје, 19 мај 2021 (МИА) – Денеска официјално беа пуштени во употреба последните 500 метри од новопроектираниот и новоизведениот булевар „Босна и Херцеговина“, кој што сега се спојува со булеварот „Словенија“.

Како што информираше градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов при пуштањето на употреба на овој булевар, тој чини 100 милиони денари и е во целост изведен во рамките на буџетските средства на Градот.

– Лани го пуштивме првиот дел, сега вториот дел, што овозможуваат сериозен развој на инфраструктурата и Градот во северниот дел и е дел од концептот за кој што јас зборував со граѓаните во текот на 2017 година од таканаречениот северен секундарен прстен, изјави Шилегов.

Тој дополни дека сега имаме најсовремен асфалт по сите светски стандарди, булевар широк 40 метри со велосипедски и со пешачки патеки по целата негова должина.

– Коловозот е веќе спремен, пешачките и велосипедските патеки, исто така. Останува во периодот што ни претстои да го уредиме и булеварското зеленило. Тука воведуваме ново лед осветлување и за овој дел од градот ова ќе претставува значителен импут за неговиот развој, особено ако се има предвид дека сето ова се спојува со булеварот „Никола Карев“, кој што е во завршна фаза и со Момин Поток кој што веќе го најавивме и кој што треба да се гради во текот на јули, додаде Шилегов.

Заменик премиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, истакна дека овој булевар е многу важна и фрекфентна сообраќајница, која е изградена пред 40 години и оттогаш не е обновена.

– Денеска гледате сосем поинаква слика на булеварот „Босна и Херцеговина“ и се надевам дека сите ќе заклучиме дека ова е тоа што го очекуваме. Овој важен капитален проект е во вредност од над 100 милиони денари, од сопствените средства на општината и поврзува четири општини во нашиот град, Карпош, Бутел, Шуто Оризари и Чаир, и дополнително со новиот булевар „Христијан Тодоровски Карпош“, сега граѓаните и компаниите ќе имаат многу побрз излез на скопската обиколница, потенцираше Битиќи.

Тој дополни дека Владата ќе продолжи да ги поддржува скопските, но и сите општини во државата, во реализација на капитални проекти како што е овој, затоа што, како што рече, ваквите проекти го унапредуваат стандардот и квалитетот на живот на сите наши граѓани.

Владимир Смилевски, градоначалник на Општина Бутел истакна дека овој булевар претставуваше еден важен крвоток на Општината каде што 40 години се движеа многу возила.

– Град Скопје го направи и е за поздравување и жителите на Општина Бутел го почитуваат тоа. Најавувам дека Град Скопје за многу брзо време ќе почне и со реконструкција на улица „Бутелска“, каде што ќе има тендер. Тоа значи дека Градот Скопје ги рехабилитираше главните артерии во Општина Бутел и изгради нови, додаде Симилевски.

Тој истакна дека е сигурен оти не само жителите на општините Бутел, Чаир, Чучер Сандево и Шутка, туку и цело Скопје добива еден брз пат каде што ќе можеме да си ги задоволуваме своите потреби при движење низ Општина Бутел.

Градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, исто така, истакна дека овој булевар е од огромно значење и дека не треба многу да се зборува, бидејќи се гледа дека е направен според, како што рече, сите најмодерни стандарди.

Новопроектираниот булевар „Босна и Херцеговина“ е со широчина од 40 метри и е со шест коловозни ленти, две велосипедски, две пешачки патеки и централно и странично зеленило. ар/сп

Таг
Back to top button
Close
Close