0_Web_АктуелноДописници МКД

Пукнато црево на цистерна во која се транспортирала хемикалија е причина за еколошката хаварија на реката Брегалница

Пукнато црево на цистерна на транспортна компанија која пренесувала хемикалија за процесот на производство во компанијата Техникал Текстајл во ТИР зоната во Штип е причина за вчерашната еколошка хаварија и реката Брегалница да биде обоена со густа и бела течност, објави на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски.

Штип, 24 јуни 2020 (МИА) – Пукнато црево на цистерна на транспортна компанија  која пренесувала хемикалија за процесот на производство во компанијата Техникал Текстајл во ТИР зоната во Штип е причина за вчерашната еколошка хаварија и реката Брегалница да биде обоена со густа и бела течност, објави на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски.

Тој забележа дека и покрај тоа што ингеренциите за заштита на реките и речните корита не е на локално ниво сепак како градоначалник сметал дека треба да биде на терен и  лично да се увери од каде доаѓа таквата течност.

Затоа заедно со неколку загрижени граѓани и претставниците на здружението на граѓани на Риболовното друштво се упативме кон околните индустриски капацитети со цел да утврдиме од каде доаѓа загадувањето. После поминувањето на неколку атмосферски канали во индустриската зона Македонка бевме во обиколка и кај ТИРЗ зоната каде што го лоциравме точното истекување на течноста. На лице место го повикав инспекторот за животна средина кој дојде од Пробиштип и крим техника која исто така дојде на лице место, вели Бочварски.

Тој истакна дека веднаш по хаваријата вчера во 19:15 часот се земени анализи на водата на влез и на излез од филтер станицата, а  коишто покажале дека квалитетот е согласно правилникот за безбедност на водата според хемиска и бактериолошка анализа.

Од страна на Центарот за јавно здрваје- Штип и ЈП „Исар“ е извршен увид и на штипските бунари за водоснабдување на градот со вода, којшто се повисоки и заштитени и нема нивно загадување. ЦЈЗ Штип и ЈП „Исар“ во наредните три дена ќе вршат вонредни контроли на влез, на излез и низ мрежата. Инспекторите констатираа дека транспортна фирма добавувач на течност којашто се употребува во производствениот процес на фирмата Техникал Текстајл имала пукање на цревото со што течноста преку атмосферскиот канал се слеала во река Брегалница. Во текот на денот постапуваат инспекторатите за животна средина со што очекуваме информации за целосно затворање на постапката, вели Бочварски.

Забележа дека одамна заврши времето кога се штителе нечии интереси на штета на граѓаните или пак на животната средина.

И досега и отсега натаму останувам на првата линија на заштита на интересот на граѓаните без разлика за било кое прашање или проблем којшто е наметнат во јавноста. Калкулации не смее да има, секој мора да ја сноси одговорноста за своите постапки,“ истакна  Бочварски.

Утринава водата во реката Брегалница е чиста и реката не е со густа и бела течност. Засега не е познато колкава е количината на материјата која истекла од цистерната во реката Брегалница. Постапка ќе има за предизвикувањето на еколошкиот инцидент, а докази се обезбедени од страна на крим техника и од инспекторатот за животна средина.вдј/скс/

 

Back to top button
Close
Close