Дописници МКДОпштински вести

Прво смена на ДУП-от, па после катни гаражи во Велес

Општина Велес проблемот со паркирањето во иднина ќе го решава со изградба на катни гаражи, а првата ја планира да ја изгради кај сегашниот паркинг до Автобуската станица.

Велес, 22 јануари 2020 (МИА) – Општина Велес проблемот со паркирањето во иднина ќе го решава со изградба на катни гаражи, а првата ја планира да ја изгради кај сегашниот паркинг до Автобуската станица. Но, како што појаснуваат за МИА, од Општина Велес, за тоа треба да се смени постоечкиот Детален урбанистички план (ДУП), на овој дел од градот, па да се пристапи на изработка на проектот.

Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, информира дека до нејзина изградба локалната власт ќе ги решаваат некои од постоечките проблеми на пренатрупаните со возила градски улици. Во таа насока тој најави воведување еднонасочен сообраќај на неколку фреквентни градски улици.

Во тој план за еднонасочен сообраќај е предвидена  главната улица од левата страна на градот поранешна  „Владимир Назор“, а сега  „Архиепископ Михаил“,со тоа што едната сообраќајна лента ќе биде за возење, а другата за паркирање на возила.

Коцевски, исто така  најави еднонасочен сообраќај и на делови, односно  таму каде што е можно  на  тесните улици во високиот дел од градот, а  кои водат до двете градски цркви „Св. Пантелејмон“ и „Св. Спас“.

Воедно информира и за скоро решавање на сите сообраќајни проблеми на квартот околу ООУ „Васил Главинов“ во новиот дел од градот.

Тој најави воведување на еднонасочен сообраќај и за улицата која води кон Железничката станица и одбележување на велосипедска патека на истата.

Коцевски воедно апелира до граѓаните, посебно до оние кои со автомобил одат до центарот на градот за да завршат некои  свои работи во банките или институциите, во иднина да ги менуваат своите навики и да одат со јавен градски превоз или пеш.

Тој  им предлага  на оние граѓани  кои сепак не можат без автомобил, истите да не ги паркираат на пренатрупаниот централн паркинг во строгиот центар  или на околните тесни улички на кои го попречуваат нормалното одвивање на сообраќајот, тука да паркираат  на двата паркинзи кај Градскиот пазар кај „Пармакот“ и до  Автобуска.

Тој констатира дека на овие стотина метри оддалечени паркинзи од строгиот центар на градот освен во пазарните, во останатите  денови во неделата главно  е празно и можат слободно да ги паркираат своите возила па да одат пеш до центар преку Мало Мовче или Мостот на „Гемиџиите“.

Инаку во Велес и покрај подолгите најави од изминатите години за зонско паркирање, паркингот  на сите градски паркинзи е се уште бесплатен.ад/оџ/

 

Back to top button
Close
Close