Општински вестиСкопје

Првата фаза од реконструкција на улицата „Орце Николов“ започнува в понеделник

Првата фаза од реконструкцијата на улица „Орце Николов“, во општина Центар ќе започне в понеделник откако се заврши целата административна постапка, се извршија последните подготовки за почеток на реконструкцијата, се отстранија дрвените бандери и кабловските оператори завршија со преместувањето на каблите и инсталациите под земја.

Скопје, 19 март 2021 (МИА) –  Првата фаза од реконструкцијата на улица „Орце Николов“, во општина Центар ќе започне в понеделник откако  заврши целата административна постапка, се извршија последните подготовки за почеток на реконструкцијата, се отстранија дрвените бандери и кабловските оператори завршија со преместувањето на каблите и инсталациите под земја.

-Целта на реконструкцијата е да се зголеми безбедноста на улицата „Орце Николов“ преку воведување физички мерки за смирување на сообраќајот, а со самото тоа да се намали бројот на сообраќајни незгоди на овој потег. Со реконструкцијата ќе се даде поголем приоритет на пешаците, со тоа што ќе се стимулираат пешачките токови и ќе се зголеми безбедноста при нивното движење по цела должина на улицата, информира Општина Центар.

Од Општината додаваат дека со реконструкцијата ќе се воведат велосипедски ленти што ќе овозможат поврзување на велосипедистите и корисниците на алтернативни средства за транспорт, со останатите велосипедски патеки кои веќе постојат или се предвидени согласно Планот за развој на велосипедски патеки на Град Скопје.

-Првата фаза од реконструкцијата предвидува целосно затворање на улицата „Орце Николов“, од раскрсницата со булеварот „Св. Климент Охридски“ до пред раскрсницата со улица „Ленинова“ (Аминта 3-ти). За да се реализира оваа фаза се предвидува улицата „Ленинова“, на делот од раскрсницата со улица „Орце Николов“ до раскрсницата со булеварот „Партизански Одреди“ да се пушти со двонасочен режим на сообраќај. Додека трае првата фаза паркирањето на улицата „Орце Николов“ ќе биде забрането, а на останатата улична мрежа сообраќајот останува по постојниот режим, се вели во соопштението.

Целосната реконструкција на улицата е поделена во шест посебни фази, од кои секоја опфаќа посебен дел од „Орце Николов“.  Реконструкцијата на улицата го опфаќа целиот потег кој е под надлежност на Општина Центар, од раскрсницата со булеварот „Св. Климент Охридски“ до раскрсницата со улицата „Франклин Рузвелт“.

Реконструкцијата  опфаќа  површина од вкупно 7.182 метри квадратни и се очекува да биде готова во јули, а целиот зафат ќе чини 64.847.608, 47 денари, средства обезбедени од Буџетот на Општина Центар. ки/скс/

Таг
Back to top button
Close
Close