0_Web_Избор на уредникот0_Web_Насловна-слајдер0_Македонија.ПорталОпштество

Прва национална платформа за онлајн учење, нови правила за настава во Ковид криза

Учебната 2020-2021 година ќе се одвива преку Националната платформа за онлајн учење, која е едноставна за користење и нуди учење на пет јазици. Премиерот Зоран Заев вчера на промоцијата на платформата, ги повика сите и наставниците и родителите да го поддржат процесот, а на децата им порача да ги зграпчат сите можности, зошто доброто образование гради слободни граѓани.

Скопје, 19 септември 2020 (МИА) –  Првата Национална онлајн платформа преку која во државава од 1 октомври ќе се одвива новата учебна година вчера беше презентирана пред јавноста. Следи период за прилагодување на наставниот кадар, учениците и родителите. Новата алатка, според надлежните, треба да биде значаен ресурс и по надминување на кризата со коронавирусот.

Платформата, според надлежните, е едноставна за користење и нуди учење на пет јазици. Ученикот преку компјутер или телефон ќе може да ја гледа училницата и наставникот и ќе може да ги користи сите поставени аудио и видеоматеријали на платформата и да ги изработува домашните задачи, а наставата нема да биде здодевна и ќе има брзи квизови, тестови и други иновативни содржини.

– Пандемијата ја наметна потребата да согледаме зошто ни е потребен образовен систем во добра кондиција и дека посветено треба да работиме на негова дигитализација, реформа и подобрување. Прв пат создадовме единствена национална платформа за оналјн учење, што ја креиравме исклучиво со домашни ресурси и експерти. Ова не охрабрува и дава поттик за нејзино усовршување и прилагодување на потребите на секој ученик во нашата држава, рече на презентацијата премиерот Зоран Заев.

Според министерката за образование и наука Мила Царовска, платформата е првиот исчекор кон модернизација на образованието. Нова алатка, која сум убедена дека ќе биде значаен ресурс и по надминување на кризата со коронавирусот. Периодот што следи нема да биде лесен ниту за професорите, ниту за родителите, ниту за учениците. Промените се секогаш тешки и прилагодувањето бара огромна жртва од сите нас, изјави Царовска.

Се уште не е дефинирано како ќе се одвива целодневната настава за учениците од помалите одделенија кои ќе одат на училиште. За целодневната настава се прават дискусиии и со Комисијата за заразни болести и со Министерството за труд и социјална политика заради можноста децата да добијат одредена заштита по завршување на часовите.

Министерот за здравство Венко Филипче завчера истакна дека ако епидемиолошката слика е добра и стабилна, на почетокот на ноември ќе се даде дозвола уште некоја група од децата да оди со физичко присуство во училиштата.

– Од 1 октомври, со физичко присуство би можеле да одат и други одделенија само во ситуација кога вкупниот број деца во одделенијата или бројот на класови во училиштето е толку мал да сметаат епидемиолозите дека е ризикот мал, односно ист или помал, рече Филипче во завчерашното гостување во емисија на Алсат М телевизија.

Еден е ризикот, потенцира тој, да бидат стотина деца од прво до трето одделение со физичко присуство во училиштата, но, како што нагласи, повеќе од двојно ќе биде ризикот уште толку деца да ставиме од четврто, петто и шесто одделение на почетокот на октомври, бидејќи тие се во контакт со истите наставници.

Вчера беа регистрирани осум лица починати од Ковид-19, 144 новозаразени од 1545 тестирања и 97 оздравени пациенти.

Од новозаразените 144 нови случаи во Скопје се 27, Куманово-11, Дебар-3, Штип-5, Прилеп-13, Тетово-13, Велес-4, Битола-5, Охрид-2, Кавадарци-1, Гостивар-8, Гевгелија-2, Струмица-15, Крива Паланка-1, Радовиш-8, Крушево-2, Кочани-13, Македонски Брод-1, Берово-2, Виница-1, Делчево-3, Кичево-2, Ресен-2.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 16417,  бројката на оздравени пациенти е 13732, на починати е 683, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2002.

Од активните случаи 567 се во Скопје, Куманово – 192, Прилеп – 123, Тетово – 144, Гостивар – 101,  Струмица –  90, Кочани – 85, Делчево активни се 73, Штип  – 74, Струга – 64, Битола – 58, Гевгелија  57 (8 лица од ПЕ Гевгелија се жители на Дојран, 14 на Богданци и 12 се странски државјани). Во другите градови има под 50 заразени.

Најмногу активни случаи во Скопје има во Аеродром – 84, Центар – 76, во Гази Баба и Карпош има по 73, Чаир – 57, Кисела Вода – 55, Бутел – 32, Ѓорче Петров – 28, Шуто Оризари – 15, Сарај – 18, Илинден – 14. Во другите општини во Скопје има помалку од 10.

Лабораторијата „Авицена“ вчера информираше дека ставила во функција комплетно нов, посебен простор за земање примероци за тест за Ковид-19, кој е целосно физички одвоен од постојниот влез на лабораторијата и од постојната чекалница. Тројно се зголемува и капацитетот за изработка на тестови за Ковид-19 на дневно ниво, бидејќи лабораторијата е во фаза на инсталација на дополнителна високософистицирана опрема за целосна автоматска изработка на Real-time PCR тестови. На овој начин ќе се намали и времето за закажување тестирање и за добивање резултат.

За неносење лична заштита на лице во претходното деноноќие беа регистрирани 533 прекршоци.

Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата со цел справување со Ковид -19. ир/лв/

Back to top button
Close
Close