0_Македонија.ПорталОпштество

Прв хакатон за отворени податоци, пријавувањето до 9 март

Фондацијата за интернет и општество – Метаморфозис во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација првпат организира хакатон за отворени податоци што ќе се одржи на 13 и 14 март годинава.

Скопје, 28 февруари 2020 (МИА) – Фондацијата за интернет и општество – Метаморфозис во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација првпат организира хакатон за отворени податоци што ќе се одржи на 13 и 14 март годинава.

Хакатонот е поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество и Фондот за иновации и технолошки развој. Целта е да се соберат на едно место креативни групи луѓе кои во тимови или како поединци ќе се обидат да го искористат потенцијалот на отворените податоци кои се веќе достапни во нашата држава.

Пријавувањето на поединците или тимовите може да се изврши по електронски пат на следниов линк: form.jotform.com/200472199214048 до 9 март 2020 година.  За учество во овој хакатон може да се пријави секое лице со наполнети 18 години, поединци или тимови кои имаат пасија да работат со обработка и прикажување на отворени податоци од различни области. Наградниот фонд изнесува пет илјади евра за најдоброто решение, а е овозможен од Македонски Телеком.

Од Фондацијата за интернет и општество – Метаморфозис соопштија дека користејќи ги отворените податоци, преку иновативни идеи и примена на постоечки знаења, креативни тимови на луѓе од повеќе сектори можат навистина да придонесат во зголемување на квалитетот на животот на граѓаните или решавање на општествен проблем.

– Отворените податоци, освен тоа што преку транспарентноста и отчетноста на властите ја зголемуваат довербата на граѓаните во институциите, можат да придонесат и во работата на бизнис секторот, но и на академскиот и граѓанскиот сектор. Тие се исклучително важни за креирање на нови производи и услуги кои можат да го олеснат секојдневниот животот на граѓаните, се вели во соопштението. мд/сп/

Back to top button
Close
Close