Дописници МКДОпштински вести

Протест на жителите на Суводол поради блискиот рудник, од рудникот велат работат според прописите

Жителите на селото Суводол, Општина Македонски Брод денеска излегоа на протест на регионалниот пат Прилеп-Македонски Брод барајќи решавање на проблемите што ги имаат со блискиот рудник и неговата дислокација.

Прилеп, 22 февруари 2020 (МИА) – Жителите на селото Суводол, Општина Македонски Брод денеска излегоа на протест на регионалниот пат Прилеп-Македонски Брод барајќи решавање на проблемите што ги имаат со блискиот рудник и неговата дислокација.

Според Ѓорѓија Ристески, член на Советот на месната заедница на Суводол, рудникот не функционира според прописите зашто е на 100-тина метри од последните куќи, ги загрозува животот на жителите, градбите и животната средина.

– Селото го опкружуваат дури четири активни рудници и секојдневно се закана за животот и за здравјето на жителите поради несоодветно нивно функционирање. Рудникот „Хаби градба“, кој е во непосредна близина, на 100-тина метри, создава проблеми со големите детонации. На пример, минирањето се врши со 5,5 тони експлозив, одеднаш и целото село, особено луѓето во горниот дел од страв, не знаејќи што се случува, истрчуваат од куќите, а по нив и децата, плачејќи. Проблеми има и со патот. Кога е дождливо, камионите кои излегуваат, калта се лепи на шофершајбните на возилата на патот. Кога е сушно, се крева прашина која се лепи на куќите и на сите објекти, а тука има и игралиште за деца, изјави Ристески.

За проблемите ги информирале сите институции и во октомври добиле известување од техничкиот Инспекторат дека се запира минирањето во рудникот, но тие по еден месец продолжиле.

-Добивме одговори, особено од Министерството за економија и Инспекторатот кој на рудникот му наложи, тоа беше на 8 октомври лани, да не минира додека не обезбеди еминентна институција која ќе го мери тресењето на земјиштето при минирањето, а и да се испитаат ПМ10 честичките. Но, на 23 ноември, и покрај забраната, се продолжи со минирањето. Се чудам зошто државните институции не ги дотеруваат работите до крај. Ако е прекршен законот, зошто нема санкции иако од техничкиот Инспекторат рекоа ако извршиле минирање и покрај забраната, ќе има санцкии, вели Ристески.

Претседателот на месната заедница на Суводол Жарко Тодороски смета дека куќите се оштетени и се бара дислокација или затворање на рудникот.

-Имаме оштетувања на сите објекти во селово, на гробиштата, на црквата, на училиштето, на земјоделски површини кои не се обработени поради прашината и калта. Како месна заедница и како население бараме дислокација, по можност и забрана за работа, ревизија и како е дојдено до таа концесија да се добие толку блиску до објектите. Немаме ништо против сопствениците, туку бараме државата да го реши проблемот. Овој проблем е четири години, изјави Тодороски.

Според Бране Јованоски, претседател на Советот на Општина Македонски брод жителите ја имаат поддршката и вели да се обратат до локалната самоуправа.

-Им даваме поддршка на жителите на Суводол кои реагираат на издавањето дозволи за локации толку блиску до селото. Жителите да се обратат до локалната самоуправа.  Да видиме како може да помогнеме, а и една работна група да појде до Министерството за земјоделство, да се разгледаат документите за издадените локации. А проблемите се реални, смета Јованоски.

За Сафет Топалоски, сопственик на „Хаби градба“ нема никаков проблем. Работат според законските прописи, ги имаат сите дозволи, а никој од жителите не пријавил проблеми. Сметаат дека сето тоа се лаги и најавуваат тужба.

– Фирмата е под техничка инспекција. Ние имаме решение дека не правиме проблем. Последно сме задолжени со мерење да направиме при следното минирање. Имаме решение со кое покажуваме дека немаме забрана за работа. Работиме шест години. Лани имавме шест инспектори од сите институции и добивме позитивни мислења. Правиме мерења и на ПМ10 честичките. Проблем имаме со новиот претседател на месната заедница. Инаку, жителите може да пријават штета, а беа повикани и од локалните инспектори. Досега нема пријавено. В понеделник ќе ангажираме адвокат и ќе тужиме зашто ова се лаги, изјави Топалоски.

Во Суводол живеат околу 250 жители. Во околината се четири рудници. ем/мд/

 

 

 

Back to top button
Close
Close