Дописници МКД

Протест и реакции за заштита на изворот „Леково“ кај Прилеп

Дел прилепчани повторно излегоа на протест со блокада на патот до вештачкото езеро, барајќи надлежните да преземат мерки зашто, според нив продолжува да се уништува изворот со вода за пиење „Леково“ над Прилеп, еден од четирите основни извори со кои градот се водоснабдува и пред регионалниот водовод Студенчица.

Прилеп, 23 јуни 2021 (МИА) – Дел прилепчани повторно излегоа на протест со блокада на патот до вештачкото езеро, барајќи надлежните да преземат мерки зашто, според нив продолжува да се уништува изворот со вода за пиење „Леково“ над Прилеп, еден од четирите основни извори со кои градот се водоснабдува и пред регионалниот водовод Студенчица.

Според Зоран Тодороски протестот е зашто никој од надлежниtе, посебно mинистерствата за економија и за животна средина не реагираат на нивните преставки да се преземе нешто. Oсобено што вината ја наоѓаат од блискиот концесионер кој ископува мермер на 100-ина метри од изворот и страв од негово уништување.

-Денеска вторпат се собираме за спасот на водата за пиење од изворот Леково. Дури народот ја нарекува „лековита вода“. Минатиот пат кога протестиравме поднесовме претставки и жалби до институциите. Требаше да има реакција од надлежните, особено од министерствата за економија и за заштита на животната средина. Но никаков одговор нема. Се решивме на ваков, непопуларен чекор. Бараме да се констатира дека со ваквата ситуација, изворот ќе го загубиме. Водата веќе е пробиена. Има „бело брашно“, а деновиве водата беше и жолта. Значи, да дојдат стручни лица, да проверат и да кажат каква е водата. Ако може да се спаси нешто со изворот, сега тоа може да се направи. Зошто не се постапи според Законот кој не дозволува ископ најмалку 500 метри од изворот, прашува Тодороски.

Горан Тасески потенцира дека по невремето во саботата има одрони и водата е жолта. Бара итно да се стопира експлоатацијата во близина на изворот.

-По невремето во саботата во вечерните часови почна да тече жолта вода. Заинтересиран сум, појдов до изворот, видов дека ситуацијата е алармантна штом во чешмите почна да тече жолта вода. Бараме да дојдат да видат и да констатираат и  итно да се стопира концесионерот и да не работи, вели Тасески.

Илија Талески нагласува дека реакциите се во името на сите граѓани, зашто водата стигнува во Прилеп.

-Не само за нас, ние реагираме во името на сите граѓани. Оти, оваа вода не е само за оние кои имаат викендички, туку водата од изворот патува до градот. Човекот постои со и за водата, а не со некои калкулации за ископ во непосредна близина до изворот, вели Тасески.

Претставките и реакциите на жителите траат 10-ина години, откако е доделена концесијата за истражување и експлоатација на мермер во непосредна близина на изворот. Но никој не реагирал од инспекциските служби.

Од прилепското претпријатие „Водовод и канализација“ ги разбираат и ги поддржуваат реакциите на граѓаните, зашто станува збор за нивното здравје. Директорот Емил Јанески нагласува дека добиле некој одговор на последното барање од Министерството за економија за да се направи увид, но не сметаат дека е реално, туку паушално и повторно поднесоа барање.

-Во последно време имаме проблем со заматување на водата од изворот Леково. Затоа, неколку пати се обративме до Министерството за економија, надлежно за давање концесии за експлоатација на рудното богатство. Последниот увид, или записник, кој го добивме пред два дена од Министерството за економија укажува дека фирмата „Марибел“, како правно лице кое врши експлоатација веднаш над каптажата на изворот Леково, ископувањето на рудата го прави без минирање, а дека на приближно исто растојание, со минирање, Мермерскиот комбинат и фирмата „Мармобјанко“ ја експлоатираат рудата.  Сметаме дека записникот воопшто не е коректен и повторно се обраќаме до Министерството за економија и бараме повторно да направат увид и правилно да ја констатираат состојбата. Имено, Мермерскиот комбинат и „Марморбјанко“ подолго време експлоатираат мермер, само Мермерскиот комбинат експлоатира преку 40 години, и никогаш не се појавил проблем, ниту во органолептичките својства на водата, ниту во дарежливоста на изворот и експлоатацијата на рудата е на далечина од 1500 до 2 000 метри од изворот Леково. Од друга страна, фирмата „Марибел“ експлоатира руда на 100 метри од нашата каптажа и нивниот коп е точно по течението на водата од изворот до каптажата. Буквално, во овој момент, има одрони од камен на 50 метри од нашиот извор. Одговорно тврдам, заедно со стручните лица на прилепски водовод и со градежните инспектори, дека заматувањето на водата, промената на органолептичките својства на водата, дарежливоста на изворот Леково е како резултат на експлоатацијата на руда од претпријатието „Марибел“ кое се наоѓа во непосредна близина на Лековскиот извор, односно на 100 до 130 метри, додека останатите субјекти што експлоатираат се на оддалеченост од околу два километра, што не е ниту приближно исто. Од тие причини, повторно се обративме до Министерството да направи увид на лице место, прецизно да ја констатира состојбата, а не паушално, ако треба да ангажира вешти лица, тоа е нивна обврска, и конечно, ако смета кој било концесионер ако, со експлоатацијата, ги загрозува животот и здравјето на луѓето, нека преземе соодветни мерки. Моја обврска е да ги штитам животот и здравјето на граѓаните и на изворот Леково, вели Јанески.

Тој  констатира дека ако вака се продолжи, без реакција, изворот ќе се затрупа и ќе го загубиме. Ризикот постои зашто во преголема близина се експлоатира.ем/скс/

Back to top button
Close
Close