Дописници МКДКултураКултура.Портал

Промовирана поетската збирка „Везот на животот“ од Ана Дедова во Делчево

Во рамки на кампањата „Денови на хуманост – дарувај со љубов“, денеска во Делчево беше промовирана збирката „Везот на животот“ на поетесата Ана Дедова.

Делчево, 5 декември 2019 (МИА) – Во рамки на кампањата „Денови на хуманост – дарувај со љубов“, денеска во Делчево беше промовирана збирката „Везот на животот“ на поетесата Ана Дедова.
Настанот го организираа Општина Делчево и ЈЛБ „Илинден“, а покрај љубители на пишаниот збор, присуствуваа лицата со хендикеп, и се запознаа со авторката, која својот физички хендикеп го облагородува со стихови во кои се опејува љубовта.
Лајт-мотивот на оваа збирка, како што истакна промоторот Славица Цветкова, е љубовта кон саканиот, родниот град и семејството.
-Оваа нова книга со поезија ги носи стиховите навезени од нејзиниот живот, излеани од срце и душа. Сиховите се кристално јасни без непотребно украсување и патетика. Иако напати чувствува болка, Дедова секогаш успева да се задржи на нозе, рече Цветкова.
За рецензентот Виолета Сековска, ова дело е уште една светлина во македонската поезија.
-Љубовта е алфа и омега во поезијата на Ана. Јазикот е магија јазик. Како светлосен конец ги везе песните, а тие и во најтемната душа прават светлина. Сетилата како стражи заземаат духовно местожителство, нечујно-чујно, невозможно-возможно. Целата поезија е натопена со љубов и восхит, како гранка на бесконечност, вели Сековска.
Поетесата Ана Дедова досега ги има напишано книгите „Охридски бисер“, „Илузија“, „Твоето ангелско лице“ и последното дело „Везот на животот“. По повод светскиот ден на лицата со хендикеп, средствата од продадените книги од промоцијата Ана ги подари на Дневниот центар за лица со хендикеп во Делчево.вс/бт/

Таг
Back to top button
Close
Close