Општински вестиСкопје

Промовиран „Локален акционен план за Општина Центар за 2019-2025“

Скопје, 27 јанаури 2020 (МИА) – Проширување на надлежностите поврзани со заштитата на животната средина на локално ниво, како и донесување и реализација на урбанистичката планска документација согласно стандардите и нормативите во кои ќе се запазува процентот на зелени површини. Ова го истакна градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ на денешната промоција на „Локален еколошки акциски план за Општина Центар“ за 2019-2025 година.

Тој изјави дека ЛЕАП документот претставува потврда за продолжување на напорите за да се воспостави успешна соработка со еколошките невладини организации и да се добијат насоки за развивање дијалог со бизнис заедницата.

– Работиме на почитување на законските одредби, зајакнување капацитетите на бизнис заедницата со цел да се постигне намалување на потрошувачката на природни ресурси, емисии во медиумите за животната средина. Со ваше активно учество ги идентификуваме сегашните состојби со медиумите во животната средина и ги евидентираме клучните предизвици изразено во нарушениот квалитет на воздухот, управувањето со отпадот и зголеменото ниво на бучава и градежна експанзија. Тоа се состојби со кои се соочуваме во нашето секојдневие во доменот на животната средина и за истите дадовме предлог, акции и мерки за нивно ефикасно надминување, рече Богдановиќ.

Дополнително, посочи тој, ќе се зголеми ефикасноста на локалната администрација и соработката со еколошките невладини организации. Ќе се залагам за подигнување на свеста на населението за заштита на животната средина со цел да ја етаблираме општината како урбана, но и еколошки одржлива средина.

Цена Видановска, координатор на ЛЕАП изјави дека по иницијатива на градоначалникот е формирана работна група за следење и спроведување на ЛЕАП-от кој ќе се имплементира во периодот 2019-2025.

– Работната група е составена од 10 члена, од кои четири се од општинската администрација, два члена се од здруженија на граѓани и фондации, и четири надворешни члена од Министерството за транспорт и врски и од Министерството животна средина и просторно планирање, и еден член од Град Скопје, рече Видановска.

Изработката на ЛЕАП документот за Општина Центар се темели на Националната методологија за подготовка на ЛЕАП, усвоена од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање. фф/скс/

Back to top button
Close
Close