КултураКултура.Портал

Промоција на книгата „Видеологија“ од Златко Ѓелески во МКЦ

Во издание на ПНВ Публикации од Скопје, на 29 јуни пред платото на Младинскиот културен центар во Скопје ќе се одржи промоција на збирката филмски рецензии и есеи „Видеологија“ од Златко Ѓелески.  Книгата ќе биде претставена низ разговор со авторот, што ќе го води Јулијана Величковска, главен уредник и основач на ПНВ Публикации.

Скопје, 25 јуни 2021 (МИА) – Во издание на ПНВ Публикации од Скопје, на 29 јуни пред платото на Младинскиот културен центар во Скопје ќе се одржи промоција на збирката филмски рецензии и есеи „Видеологија“ од Златко Ѓелески.  Книгата ќе биде претставена низ разговор со авторот, што ќе го води Јулијана Величковска, главен уредник и основач на ПНВ Публикации.

-„Видеологија“ претставува збир на филмски рецензии и есеи за филмовите што се појавија и во домашната продукција и во светски рамки во 2019 и во 2020 година. Книгата е поделена на два дела, од кои првиот дел содржи анализа на долгите и на кратките играни и документарни филмови што беа продуцирани и снимени во нашата земја, а вториот дел од книгата содржи избор на дваесетте најквалитетни долги играни и документарни филмови што се појавија во 2019 и во 2020 година во светски рамки, велат организаторите на настанот.

Од ПНВ Публикации додаваат дека книгата претставува еден вид огледало на домашната и на светската филмска сцена, со цел да се воочат начелата според кои е препознаен стилскиот израз на домашните филмски автори, наспроти визуелниот маниризам на реномираните светски филмски автори и младите гласови што пирово се пробиваат во рамките на квантитативната понуда на филмски дела.

Златко Ѓелески е писател, филмски, музички и книжевен критичар, роден во 1986 година во Битола. Дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Факултетот „Блаже Конески“ во Скопје. Активно се занимава со филмска критика од 2008 година, како уредник и издавач во списанието „Кошмар“. Добитник е на наградата за најдобра филмска критика на 12. издание на филмскиот фестивал „Синедејс“ во 2013 година. Режисер е на краткометражните филмови „Од другата страна“ и „Мемоари“, организатор на ревијата на хорор филмови „Мрак Фест“, одговорен е и за музичките изданија на „Мрак“. ки/са/

Back to top button
Close
Close