КултураКултура.ПорталКултура.Слајдер

Проекција на култната комедија „Кој тоа таму пее“ на „Скопје филм фестивал класик“

Во летното кино „Мирно лето“ ( Кинотека), во рамки на „Скопје филм фестивал класик“, ќе се одржи проекција на култната комедија на Слободан Шијан од 1980-та година насловена „Кој тоа таму пее“.

Скопје, 15 септември 2021 (МИА) – Во летното кино „Мирно лето“ (Кинотека), во рамки на „Скопје филм фестивал класик“, ќе се одржи проекција на култната комедија на Слободан Шијан од 1980-та година насловена „Кој тоа таму пее“.

Станува збор за нова, дигитално реставрирана копија на филмот кој своевремено беше прогласен за најдобра комедија на сите времиња на југословенските простори, а многумина светски критичари и автори го нагласуваа како еден од омилените филмови.

По повод оваа проекција, гостин на Кинотеката на РС Македонија ќе биде Југослав Пантелиќ, директор на Југословенската кинотека и уметнички директор на ФЕСТ – белградскиот меѓународниот филмски фестивал кој годинава го одбележа своето 50-то издание – кој пред почетокот на филмот ќе говори за значењето на филмот.

Југословенската кинотека е основана во 1949 година од страна на Комитетот за кинематографија на тогашната ФНР Југославија, и е организациски поставена како и другите значајни филмски архиви. Покрај богатата збирка филмови од југословенската и српската национална кинематографија, оваа кинотека располага и со огромен фонд странски филмови, добиени како размена со другите странски архиви, депонирани од физички и правни лица, како и преземени од широката киноприкажувачка мрежа.

Проекцијата на „Кој тоа таму пее“ е поддржана од културно-информативниот центар „Спона“ во Македонија и е во соработка со Српската амбасада во Скопје, а се прикажува во склоп на „класик“ програмата на годинешното издание на Скопскиот филмски фестивал.

Сценариото на филмот е на Душан Ковачевиќ, а во главните улоги се појавува плејада од врвни југословенски и српски актери како Павле Вуисиќ, Александар Берчек, Данило Бата Стојковиќ, Драган Николиќ, Славко Штимац, Неда Арнериќ, Ташко Начиќ, Боро Стјепановиќ, Бора Тодоровиќ, Миливоје Томиќ и други.

Влезот е слободен, а проекцијата ќе се одвива според протоколите за заштита од Ковид-19.свс/са/

Таг
Back to top button
Close
Close