Дописници МКДОпштински вести

Продолжува крводарителството во услови на пандемија во помалите општини на крајниот Исток

Продолжува крводарувањето во услови на ковид-пандемија во помалите општини на крајниот Исток. Иако пандемијата сама по себе си носи ризици, сепак како што истакна Анита Божиновска Петковска од Институот за трансфузиона медицина, таа не влијаела битно да се намали бројот на хумани граѓани, кои на секои три месеци даруваат од животворната течност.

Делчево, 4 февруари 2021 (МИА) – Продолжува крводарителството во услови на ковид-пандемија во помалите општини на крајниот Исток.  Иако пандемијата сама по себе си носи ризици, сепак како што истакна Анита Божиновска Петковска од Институот за трансфузиона медицина, таа не влијаела битно да се намали бројот на хумани граѓани, кои на секои три месеци даруваат од животворната течност.
Во рамки на денешната крводарителска акција која се одржа со хуманите граѓани од Делчево, Божиновска Петкова нагласи дека поради мерките за заштита, практично не постои можност, крводарителите да се заразат со вирусот во текот на дарувањето крв.
-Пандемијата придонесе да ни се појават мали проблеми во однос на снабдувањето со крв, но сепак учесниците во крводарителските акции, се уште со истото темпо се јавуваат и активно учествуваат на крводарителските акции. Во таа насока ќе ја искористам можноста, да ги известам сите оние крводарители, кај кои постои одреден сомнеж, дека можноста за да се заразат со вирусот во текот на дарувањето е сведена на минимум. Нашите екипи ги следат и спроведуваат соодветните протоколи за заштита, така да слободно можеме да ги поканиме оние кои сакаат да даруваат крв, да дојдат на некоја од наредните акции и да бидат хумани, истакна Божиновска Петковска.
Додаде дека делчевската општинска организација на Црвен крст, минатата година покажала добри резултати, што според неа се потврдува со исполнетиот годишен план за крводарување.
Меѓу учесниците во крводарителската акција во Делчево, денес можеа да се забележат повеќе генерации крводарители, а меѓу нив и 26 годишниот Мато Митев, кој досега над 20 пати ја има испружено раката и подарил од животворната течност.
-Денеска ми беше 22 пат како учествувам во крводарителските акции. Сега сум 26 години, а прв пат почнав да дарувам од моја 14 годишна возраст. Освен што дарувам од хумани побуди, мисе допаѓа и пакетчето кое за секој крводарител го подготвуваат од Црвен Крст, рече Митев.
Следната крводарителска акција како што додадоа од Општинската организација на Црвен крст Делчево ќе се одржи на полетокот на месец март 2021 година. вс/нд/

Таг
Back to top button
Close
Close