Дописници МКДОпштински вести

Продолжи судењето за хеликоптерската несреќа кај Струмица

Со испрашување на сведоци денеска во Основниот суд во Струмица продолжи судењето за хеликоптерската несреќа што се случи на 10 јули 2014 година кај Струмица и во која загинаа четворица пилоти на МВР.

Струмица, 4 февруари 2020 (МИА) – Со испрашување на сведоци денеска во Основниот суд во Струмица продолжи судењето за хеликоптерската несреќа што се случи на 10 јули 2014 година кај Струмица и во која загинаа четворица пилоти на МВР.

Во овој случај се обвинети Јулијана Спировска, тогашна директорка на ЈП „Македонска радиодифузија“, Драгослав Радески, технички директор и правното лице ЈП „Македонска радиодифузија“, кои се товарат за тешки дела против општата сигурност.

Денес пред судот сведочеа пензионираниот пилот Стојан Маџоски и Филип Милков од Контролата на летање, а прашања им поставуваа застапникот на обвинението, обвинителката Силвана Бајрактарова и тројцата бранители на обвинитетите.

Според сведокот Маџоски, летовите на контролата на летање биле најавувани на два начина, односно преку телефон и со јавување преку радио станицата од хеликоптерот. Летовите се изведувале според однапред утврдени налози, кои дел се пополнувале однапред, а дел по завршувањето на летањето.

-Пилотите може да поминат во летање со хеликоптерот МИ17 во едно деноноќие најмногу 6 часа со прекини, објаснуваше сведокот Маџоски.

Додаде дека пилотите поминале теоретска и практична обука од околу 15 часови за ноќно летање со производителот на опремата за ноќно летање од Израел.

На прашање на бранителите на обвинетите со какви карти летале, поранешниот пилот одговори дека летале со карти изработени во размер од 1:300.000, кои сами ги купувале и со карти од времето на ЈНА и АРМ во размер од 1:200.000. Дополни дека на хеликоптерот кој се урна кај Струмица не му работел снимачот на глас, но според производителот тоа не било пречка за безбедно летање. На прашање на еден од бранителите дали може да забележи антенски столб, како тој на МРД во кој удри хеликоптерот ако не е осветлен во услови на ноќно летање, сведокот рече дека не може да се забележи и дополни дека му е познат овој столб, а неколку такви во државата кога летале тој и неговите колеги буквално ги заобиколувале.

Вториот сведок на денешното рочиште, Филип Милков од Контролата на летање, кој бил дежурен кога бил организиран кобниот лет рече дека му се јавиле за планот на летот и дека вообичаена процедура е за сите државни воздухоплови планот на летање да не се доставува во писмена форма, туку пред полетување се јавуваат и кажуваат каде ќе лета хеликоптерот. Во радиус од десет километри од полетувањето се следи хеликоптерот, а потоа леталото се управува визуелно и понатаму продолжила комуникацијата преку радио врска на секоја точка.

Во хеликоптерот произведен 2008 година на 10 јули 2014 година пилотите на МВР- Драган Мицев, Марјан Трајкoвиќ, Тоде Орешков и Иљо Лопатички биле на ноќен лет на релација Скопје-Велес-Неготино-Валандово-Струмица-Берово-Делчево и назад и била користена опрема за ноќно летање.

Во моментот на урнувањето на хеликоптерот тип МИ17, со регистарски ознаки МАР 7712, удрил во антенски столб на „Македонската радиодифузија“, а четворицата пилоти починале веднаш.

Судењето продолжува утре со искази на вешти лица. рт/аа/

Back to top button
Close
Close