Дописници МКДОпштински вести

Признание од Општина Кочани за планинарите кои се искачија на врвот Голем Арарат во Турција

Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев денеска приреди прием за членовите на планинарскиот спортски клуб „Осогово“, чија петчлена експедиција минатата недела се искачи на Голем Арарат, највисокиот врв во Република Турција.

Кочани, 14 август 2020 (МИА) – Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев денеска приреди прием за членовите на планинарскиот спортски клуб „Осогово“, чија петчлена експедиција минатата недела се искачи на Голем Арарат, највисокиот врв во Република Турција.

На средбата тој им честиташе и им додели благодарница на храбрите планинари кои и покрај специфичните и ограничени можности поради пандемијата од Ковид-19, успешно ја реализираа акцијата за која се подготвуваа подолг период.

– Искачувањето на врвот висок 5.137 метри е еден од најголемите успеси што оваа година го имаат постигнато спортистите од општината. Истовремено, тоа е и единствениот планинарски клуб од државава, кој во изминатиот период организираше ваква експедиција, со што достојно и на убав начин ја претставуваат државата, истакна градоначалникот Илијев.

Експедицијата на планинарите од ПСК „Осогово“ траеше една недела, а за самото искачување и за симнувањето од врвот им биле потребни пет дена.

– Планината Арарат и нејзиниот највисок врв не се лесно достапни, поради што имавме базни кампови на 3.200 и на 4.200 метри каде се прилагодувавме на висинската разлика. Ќе споменам дека процентот на кислород околу врвот Голем Арарат е само 11 отсто, што доволно илустрира за колку напорна активност станува збор и каква е потребната психофизичка подготвеност. Сепак, успеавме сите петмина да се искачиме и да го развиориме македонското знаме, истакна Гоце Серафимов, член на експедицијата на планинарскиот клуб „Осогово“.

Кочанските планинари истакнаа дека поради состојбата со коронавирусот и отежнатото патување во странство, не можат да ги реализираат планираните искачувања на други врвови. Сепак, за почетокот на септември најавија искачување на Езерски Врв на планината Проклетие, на границата меѓу Албанија и Црна Гора. та/рп/

Back to top button
Close
Close