Дописници МКДОпштество

Природна ограда за модуларната ковид-болница во Кочани

Општина Кочани реализира акција за хортикултурно уредување и поставување природна ограда во дворот на модуларната ковид-болница, истовремено заштитувајќи од уништување повеќегодишни дрвја.

Кочани, 1 април 2021 (МИА) – Општина Кочани реализира акција за хортикултурно уредување и поставување природна ограда во дворот на модуларната ковид-болница, истовремено заштитувајќи од уништување повеќегодишни дрвја.

Зимзелените стебла што требаше да се исечат поради изградбата на експресниот пат Штип – Кочани, од влезот на градот се пресадени во кругот на болницата во Кочани. Акцијата за пресадување на веќе развиените дрвја го изврши комуналното јавно претпријатие „Водовод“.

-Наша задача е континуирано да се грижиме за зелената маса, која е производител на кислород во животната средина. Затоа, со поддршка од изведувачот на експресниот пат, успеавме овие повќегодишни дрвја да ги префрлиме во дворот на модуларниот ковид-центар во Кочани. Сметам дека на тој начин тие ќе бидат природна ограда, којашто ќе штити и од погледите од околината и ќе обезбеди почист воздух, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Стручните служби во „Водовод“ најавуваат соодветна грижа за природната ограда, со цел пресадувањето да биде што поуспешно.

Акцијата за озеленување на болницата во Кочани е една од низата реализирани во текот на март во Кочани. Нови 500 садници од туја, багреми и јавори беа засадени на улиците „Димитар Влахов“, „Тодосија Паунов“ и во неколку детски паркови, при што беа вклучени и граѓански здруженија. та/ки/

Таг
Back to top button
Close
Close