0_Македонија.ПорталДописници МКДОпштински вести

Прилепските градинки почнаа со работа со сите заштитни мерки

Со мерење температура, дезинфекција, на растојание и според протоколите, вработените во шесте градинки во Прилеп ги примија децата по шесмесечната пауза поради пандемијата. Директорот на прилепските градинки „Наша иднина“, Орце Тодоровски вели дека применети се сите мерки и протоколи.

Прилеп, 9 септември 2020 (МИА) – Со мерење температура, дезинфекција, на растојание и според протоколите, вработените во шесте градинки во Прилеп ги примија децата по шесмесечната пауза поради пандемијата.

Директорот на прилепските градинки „Наша иднина“, Орце Тодоровски вели дека применети се сите мерки и протоколи.

-Децата ги примивме во градинките според сите заштитни мерки и протоколи. Распределени се во групите, во јаслите по 6, а во другите до 15 деца. Во градинките се извршени три дезинфекции, дезинсекции и дератизации, обезбедени сме со сите хигиенски средства, дезинфекциони бариери. Родителите не треба да се плашат за почетокот на работата на градинките, рече Тодоровски.

Почетокот  со работа на градинките е со 600 деца, а денеска се згрижени 135. Причината, главно, е што родителите не ја комплетирале документацијата.

– Денеска згриживме 135 од 600-те деца кои се најавени во градинките. За утре се најавени да се згрижат 200 деца. Главната причина што се 135 згрижени деца од 600 е што родителите навреме не ја доставиле потребната документација: потврдите дека не може да работат од дома, потврда за самохраните родители кои имаат предност како и резултати од земен брис за детето, а тоа треба да биде направено последните три дена, објаснува Тодоровски.

Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски најави изградба на уште една детска градинка во населбата Точила со капацитет за згрижување на 300 деца. Градинката треба да биде готова идната есен.

– Во тек е подготовката на техничката документација, работите треба да почнат до крајот на годинава, а веќе ова време в година градинката треба да биде готова и да почне со работа, рече Јованоски.

Во шесте прилепски градинки, сите 180 вработени се на работните места, а само четирите градинки во населените места се со затворени врати зашто родителите таму се изјаснија дека не се заинтересирани да ги носат децата. ем/сст/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close