Дописници МКДОпштински вести

Прилепски водовод ја реконструира мрежата во центарот на Прилеп по 65 години

Паралелно со реконструкцијата на булеварот „Гоце Делчев“ во центарот на Прилеп, се реконструира водоводната мрежа на потегот од булеварот од централната крстосница кај „Градската кафеана“ до Центарот за култура „Марко Цепенков“.

Прилеп, 3 септември 2020 (МИА) – Паралелно со реконструкцијата на булеварот „Гоце Делчев“ во центарот на Прилеп, се реконструира водоводната мрежа на потегот од булеварот од централната крстосница кај „Градската кафеана“ до Центарот за култура „Марко Цепенков“.

-Реконструкцијата на големиот цевковод во центарот во должина од 280 метри е по 65 години, а реконструкцијата чини околу 100.000 евра, средства на Претпријатието, нагласува Емил Јанески, директор на прилепски „Водовод и канализација“.

Тој информира дека оваа линија е градена во далечната 1955 година. – Ова практично значи замена на старата бетонско-азбестна мрежа со нова, полиетиленска мрежа. А за целосно да се реконструираат главните градски линии во централното подрачје, потребна е и реконструкција на друг крак, од улицата „Ленин“, до крстосницата на булеварот со улицата „Кузман Јосифоски – Питу“. Реконструкцијата очекуваме да заврши за 10-ина дена, вели Јанески..

За осовременување на водоводната мрежа во централното подрачје ќе се гради нова секундарна линија.

– Ќе се изгради нова секундарна водоводна линија со периметар од 110 милиметри за да се прифатат приклучоците и да не бидат на главната водоводна линија и сѐ ќе биде според европските стандарди. Истовремено се работи на повеќе локации во Прилеп, објаснува Јанески.

Инаку, во овој период се намалува дарежливоста на изворот „Студенчица“ од каде Прилеп главно се снабдува со вода. Надлежните велат дека нема простор за загриженост.

– Во овој момент дарежливоста на Студенчица е околу 700 литри вода во секунда. Јавното водоводно претпријатие ја следи состојбата и доколку има потреба наредниов период во употреба ќе бидат пуштени и бунарските постројки. Инаку, во градот нема проблем со водоснабдувањето, вели Јанески. ем/мд/

Back to top button
Close
Close