Дописници МКДОпштински вести

Прилеп со четириесет милиони денари ќе реконструира цевковод

Прилеп ќе го реконструира цевководот со главен довод за вода со 40 милиона и 540 000 денари. Парите се од прераспределбата од ТАВ-програмата. Вчера локалните власти со владата го потпишаа договорот за реализацијата на проектот „Реконструкција на цевковод со главен довод на вода од извориште во местото наречено 'Пашоски ливади‘“.

Прилеп, 16 јуни 2021 (МИА) – Прилеп ќе го реконструира цевководот со главен довод за вода со 40 милиона и 540 000 денари. Парите се од прераспределбата од ТАВ-програмата. Вчера локалните власти со владата го потпишаа договорот за реализацијата на проектот „Реконструкција на цевковод со главен довод на вода од извориште во местото наречено ‘Пашоски ливади‘“.

Како што објаснува прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, со проектот се предвидени градежните работи за подобрување на доводните цевководи, од постојните извори во месноста наречена „Пашоски ливади“ до собирната шахта на разводната водоводна мрежа за градот.

– Реконструкцијата предвидува ископ на нова траса во должина од четири километри и поставување нови лиено-железни водоводни цевки со профил од 300 мм и притисок од 10 бари, заедно со целата потребна придружна хидротехничка опрема. Во моментов, со постојниот цевковод се обезбедуваат околу 10 литри вода во секунда, а по реконструкцијата, од изворите во месноста „Пашоски ливади“ во главната водоводна мрежа во градот ќе доаѓаат околу 25 литри вода во секунда. На месечно ниво, тоа значи нови 39 000 метри кубни вода за потребите на граѓаните на Прилеп, објаснува Јованоски.

Изградбата на новиот цевковод ќе трае од четири до шест месеци.

– Обезбедувањето нови количества чиста и здрава вода за пиење, е наш влог во зачувувањето на здравјето на граѓаните и подобрување на условите за живот во Општината, вели прилепскиот градоначалник Илија Јованоски.

Во околната месност се четири извори од кои градот со вода за пиење се напојува и пред да се изгради регионалниот водовод „Студенчица. И до денеска се користат, а зголемувањето на капацитетите е во корист на граѓаните.

Емил Јанески, директор на прилепското јавно претпријатие „Водовод и канализација“ вели дека останува да се реши ситуацијата со изворот „Леково“ за што дел жители и корисници на викендички реагираа дека блиската експлоатација на мермер ја заматува водата.

– Граѓаните на Прилеп пијат здрава и исправна вода. И од тој извор, водата се прочистува, се хлорира при влезот во системот. Проблемот со блиската експлоатација на мермер што ја заматува водата во извориштето се надеваме дека ќе се реши само со непродолжување на договорот на концесионерот за експлоатација, а истекува наредната година. Инаку Прилеп нема проблем со водоснабдувањето. Од Студенчица доаѓаат околу 2000 литри вода во секунда, вели Јанески.ем/ир

Back to top button
Close
Close