Дописници МКДОпштински вести

Прилеп има седум кластери на заразени и се контролираат нивните контакти

Прилеп нема нови жаришта, туку седум кластери на заразени кои се контролираат, особено сега се изолирани контактите, изјави епидемиологот од прилепскиот Центар за јавно здравје, Татијана Мургоска Станимировиќ.

Прилеп, 15 мај 2020 (МИА) – Прилеп нема нови жаришта, туку седум кластери на заразени кои се контролираат, особено сега се изолирани контактите, изјави епидемиологот од прилепскиот Центар за јавно здравје, Татијана Мургоска Станимировиќ.

Таа ги негира изјавите дека прилепската населба Тризла во која, главно има ромско население, е ново жариште.

-Во моментов имаме 63 активни случаи. Седум се кластери и нив ги следиме. Од 1 мај имаме седум заболени лица кои живеат во населбата Тризла. Пет заболени се од две фамилии, а останатите се од други семејства. Од сите едно заболено лице е од кластер од една фабрика. Така што, не би рекла дека нешто драматично се случува во населбата Тризла. Заразените работат во различни фирми во Прилеп. Ги следиме нивните контакти. Се врши активен надзор. Сите контакти ни се изолирани. Всушност, од сите активни кластери, контактите ни се изолирани и ги следиме и така последнава недела ги откриваме новите позитивни, изјави Станимировиќ.

Според неа, во Прилеп пикот на епидемијата бил од 17 до 24 април.

– Пикот го имавме помеѓу 17 и 24 април. Во две недели имавме од 40 до 45 заболени. Потоа бројот постепено опаѓаше и од 1 мај досега во просек неделно имаме од 15 до 17 заболени, што значи дека за половина бројот е намален. Сега главно ги следиме контактите на веќе потврдените заболени, вели Мургоска Станимировиќ.

Невладиното здружение за правна едукација и транспарентност „Станица П.Е.Т“ смета дека секоја изјава за сместување на населбата Тризла како жариште, каде главно, е ромско население, е стигмаизација на одредена група граѓани.

-Наместо предлози за преземање дополнителни мерки за спречување и заштита од ширењето на коронавирусот, изнесувањето непроверени податоци кои освен што ќе етикетираат една цела заедница, немаат никаква друга намена, е разочарувачко, вели Весна Шапкоски од Здружението.

Киршан Мамудоски, претседател на урбаната заедница Тризла 2, вели дека сега не ќе може Ромите од населбатата да одат во продавница и на јавни места, а да не бидат дискриминирани и стигматизирани.

Инаку, Прилеп е трет град по бројот на заболени од Ковид-19. Оздравени се 118 лица, а активни се 63 случаи. За 12-те смртни случаи, главно причината се хроничните заболувања. Според денеска објавените податоци, во градот се регистрирани тројца новозаразени и двајца оздравени.

Во моментот, на инфективното оддление во Општата болница во Прилеп, се хоспитализирани 21 пациент, од кои позитивни се 16, за пет се чека резултат, а 36 граѓани се на домашно лекување.

Од почетокот на пандемијата, досега, во Прилеп се заразени 193 лица, од кои 63 се активни случаи, оздравени се 118 лица, а има и 12 смртни случаи. Во градот досега се извршени 906 тестирања. ем/рп/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close