Дописници МКДОпштински вести

Прилеп ќе добие современ и сообраќајно функционален булевар

Во Прилеп почнаа обемните инфраструктурни работи на обновата на булеварот „Гоце Делчев“ во центарот на Прилеп со совемена сигнализација, тротоари, осветлување, проширени коловозни ленти, велосипедски патеки и забрана за паркирање возила.

Прилеп, 3 февруари 2020 (МИА) – Во Прилеп почнаа обемните инфраструктурни работи на обновата на булеварот „Гоце Делчев“ во центарот на Прилеп со совемена сигнализација, тротоари, осветлување, проширени коловозни ленти, велосипедски патеки и забрана за паркирање возила.

Инфраструктурните изведувачки работи кои ги почна прилепската фирма „Изофас“ опфатија целосна обнова на тротоарите на потегот пред Старата турска бања на булеварот.

Според градоначалникот Илија Јованоски, проширувањето на булеварот опфаќа четири коловозни ленти, по две во секој правец, а на потегот на улицата „Прилепски бранители“ ќе бидат три ленти.

-Помеѓу четирите булеварски коловозни ленти, на средината помеѓу двете ќе има зелена површина и осветлување. Дрворедите ќе останат, некои липи ќе се обноват. Ќе има можност да се движат и лицата со оштетен вид. Овој капитален зафат чини 60 милиона и 585 илијади денари, средства од локалниот буџет. Прилеп ќе доби современ булевар со сите придружни неопходни елементи. Булеварот се реконструира во должина од 560 метри, а на улицата „Прилепски бранители“ пред локалната самоуправа реконструкцијата е на 280 метри, рече Јованоски.

Инженерот Златко Талески од фирмата-изведувач „Изофаст“ вели дека изведбите ќе бидат по највисоки стандарди.

-Осветлувањето од двете страни ќе биде заменето со централно, а првпат ќе има хоризонтална сигнализација. Ќе се обидеме да го запазиме рокот за изведба и работите ќе траат до крајот на летото и градот ќе добие современ и функционален инфраструктурен објект, рече Талески.

Ситуацијата со паркингот во централното подрачје ќе биде решена со придружни паркирни гаражни објекти. ем/вг/

Back to top button
Close
Close