Дописници МКДОпштински вести

Презентирани наодите од процената на ранливи области на корупција на локално ниво

На првата јавна дебата која денеска се одржа во Гостивар беа презентирани резултатите од извештајот за „Проценка на ранливи области на корупција на локално ниво“. Извештајот го подготви невладината организација Асоцијација за демократски иницијативи (АДИ) во рамки на проект на УСАИД за граѓанско учество.

Гостивар, 2 февруари 2021 (МИА) – На првата јавна дебата која денеска се одржа во Гостивар беа презентирани резултатите од извештајот за „Проценка на ранливи области на корупција на локално ниво“. Извештајот го подготви невладината организација Асоцијација за демократски иницијативи (АДИ) во рамки на проект на УСАИД за граѓанско учество.

Експертот Марија Димитровска, при презентацијата ги посочи клучните наоди од процената на ранливи области на корупција кои се однесуваат на Гостивар.

– На скала од 1 до 7, испитаниците од Гостивар со вкупна оцена од 5,26 посочиле дека желбата за брзо богатење на луѓето кои се на власт најмногу придонесува за корупцијата. Според распространетоста на корупцијата по области, граѓаните од Гостивар сметаат дека судството е најкорумпирано, а според нив медиумите се тие кои се прворангирани како фактори кои може најмногу да придонесат во борбата против корупцијата, рече Димитровска.

Податоците од целокупното истражување покажуваат дека граѓаните имаат најчести контакти со институции во областа на здравството и полицијата. Најголемиот дел од испитаниците рекле дека мито им било побарано во институции кои се во областа на здравството и полицијата, а на трето место се правосудните органи. Митото од областа на здравството најчесто е барано во врска со операција, во неколку случаи и лекување, а митото од полиција е во врска со казна или сообраќајка.

Непријавувањето на ваквите случаи, лежи во недовербата во институциите кои треба да се справуваат со појавата.

– Недовербата во институциите е главниот фактор за непријавувањето на корупцијата и посочи на дека околу 80% од граѓаните во петте општини опфатени со истражувањето сметаат дека корупцијата е зголемена во споредба со периодот пред 10 години, истакна на презентацијата Љуљзим Хазири, извршниот директор на АДИ.

Градоначалникот Арбен Таравари поздравувајќи ги ваквите иницијативи посочи дека со корупција се зафатени државните институции, бидејќи тие располагаат со поголемиот дел од парите. Како локална самоуправа, Таравари посочи дека вовеле неколку мерку кои пред сè биле во насока на превенција со зголемување на транспарентноста на работата, дигитализирање на услугите.

Истражувањето е спроведено во пет општини: Гостивар, Битола, Кавадарци, Куманово и Штип. Биле анализирани правните рамки, направени интервјуа со релевантни чинители и анкета на репрезентативен број граѓани.

Проценката на ризиците од корупција се користи како превентивна алатка за идентификување на факторите на ризик и ризиците по однос на корупцијата и интегритетот во јавниот сектор и поефикасното управување. згм/сст/

 

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close