0_Web_АктуелноВидеоВидео изјаваОпштествоОпштински вестиСкопје

Презентиран проектот за БРТ – системот за брз автобуски јавен превоз во Скопје

Град Скопје денеска го презентира системот на брз автобуски јавен превоз БРТ  во главниот град. Со БРТ се воспоставуваат две линии со коридори резервирани само за ултра-еколошки автобуси - од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, и од Бутел до Кисела Вода. Трасата со правец запад-исток е во должина од 12,8 км во една насока, со 21 станица, а трасата со правец север-југ е во должина од 10,4 км и 20 автобуски станици. Проектираната вредност за овие две рути е околу 70 милиони евра, што подразбира и набавка на возилата.

Скопје, 8 јули 2021 (МИА) – Град Скопје денеска го презентира системот на брз автобуски јавен превоз БРТ  во главниот град. Со БРТ се воспоставуваат две линии со коридори резервирани само за ултра-еколошки автобуси – од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, и од Бутел до Кисела Вода. Трасата со правец запад-исток е во должина од 12,8 км во една насока, со 21 станица, а трасата со правец север-југ е во должина од 10,4 км и 20 автобуски станици. Проектираната вредност за овие две рути е околу 70 милиони евра, што подразбира и набавка на возилата.

Делницата од терминалот во Ново Лисиче до терминалот во Ѓорче Петров ќе се поминува за околу 30 минути. Брзиот автобуски систем е сосема нов вид на јавен градски превоз кој што се одликува со физички одвоена траса, со станици кои се од затворен тип, со приоритет на сигнализираните раскрсници, со систем за наплата со интелигентни картици, авео системи, системи за информации на патници во реално време и интеграција со останатите видови на превоз.

Никола Крстаноски, сообраќаен експерт од областа на јавен градски превоз презентирајќи го проектот и зошто брзиот автобуски систем е најдобар избор, истакна дека Скопје доцни 40 години да направи квалитетен исчекор во унапредувањето на јавниот градски превоз.

– Во 1970-тите години на почетокот имаше иницијатива за воведување на трамвајски систем во Градот Скопје. Имаше и референдум за самопридонес, кој не успеа за неколку проценти. Меѓутоа, тоа што денеска се случува во Скопје кој што е град со 600 и повеќе илјади жители и со преку 170 илјади регистрирани возила зборува дека Скопје има сериозен проблем во сообраќајниот систем, бидејќи недостасува еден многу клулен елемент. Тој клучен елемент е брз и висококапацитативен, еколошки вид на јавен превоз кој што ќе даде квалитетна услуга и кој ќе биде атрактивен, привлечен и пред се погоден за граѓаните на Град Скопје. Не се работи за некоја нова автобуска линија, туку се работи за еден нов систем кој што е скоро идентичен со сиситемите на брз трамвај, а има и елементи кои се слични со метро системот, рече Крстаноски.

Според него, една од важните карактеристики и важна придобивка која придонесува за квалитетот на услугата е физичката издвоеност на трасата која што е 82 отсто од вкупната должина, издвојувањето е со зелен појас што е најквалитетен начин на издвојување.

– Во централниот дел околу 400 метри е пешачка зона во која што се допуштени само возилата на брзиот автобуски систем и има неколку делници пред улиците „11 Октомври“, „ВМРО“, „Кочо Рацин“ каде што поради ограничениот попречен профил на сообраќајницата не е можно делување со тој зелен појас, туку таму имаме одделување со сепаратови наречени армадеу. Друга важна особина која што не е позната во нашите простори е тоа што изборот на станиците е од затворен тип. Што значи тоа? Тоа значи дека наплатата, односно валидацијата на билтетите се врши на самата станица. Целта на ова е да се обезбеди што е можно пократко задржување на возилата на брзиот автобуски систем на станиците заради влез на патниците и тоа е нешто што исто така покрај издвоената траса многу придонесува за постигнување на високи брзини, посочи Крстаноски.

Станиците ќе имаат предпростор каде ќе бидат сместени автоматите за издавање и надополнување на билети. Исто така, ќе има рампа, бидејќи висината на платформата на станиците е еднаква на висината на подот на возилата која го олеснува влезот и излезот на патниците.

– Се влегува преку капии, тоа е истиот систем кај метро системите. Во платениот дел од станицата има простор за чекање, клупи, информативни дисплеји за патниците, ќе се обезбеди WiFi, односно безжичен интернет. Од страната опд каде што пристигнуваат авобусите, станицата е затворена со подвижни врати, постои систем за сензори и кога возилото влегува во станицата вратите од возилото се изедначуваат со вратите од страницата се отвораат и патниците на сите вратите излегуваат и влегуваат, рече Крстаноски.

Тој информира дека ќе има вкупно 23 станици со двата терминала, просечно меѓустанично растојание од околу 550 метри и ќе се обезбедува приоритет на сигнализираните раскрсници по должината на целата траса од страна на Центарот за управување и контрола на сообраќајот преку системот Утопија кој што има можност да ги вклопи, односно да го овозможи приоритетот на возилата на брзиот автобуски систем.

– Самиот систем е проектиран геометриските елементи да овозможат во иднина кога ќе се достигна таква побарувачка за превоз, да можат сообраќаат двојно зглобни автобуси. Веќе на пазарот има автобуси кои што се со 24, 25 и 26 метри должина и кои што имаат капацитети до 270 патници, потенцира Крстаноски.

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов истакна дека воведувањето на БРТ системот на брз автобуски превоз во Скопје е еден исклучително важен и голем историски чекор напред во урбаниот развој на градот. Тој нагласи дека е горд што Градот Скопје почнува нова историја во јавниот транспорт кој ќе гарантира позитивно влијание во заштитата на животната средина и подобрувањето на квалитетот на воздухот.

– Целта на денешната презентација е да се обидеме да креираме јасна претстава за јавноста, пред се за граѓаните како главни актери во урбаната мобилност, за тоа што претставува БРТ системот и зошто го одбравме токму овој модел на јавен транспорт како најдобро, најбрзо, најбезбедно и најисплатливо решение за Скопје како главен и најголем град во нашата држава. Ќе бидам среќен ако успееме да отвориме што е можно повеќе прашања кои на стручно ниво ќе ни ги елаборираат експертите затоа што на крајот на денот овие прашања треба да бидат одговорени заради граѓаните. А, граѓаните имаат право да ги знаат сите информации за тоа на кој начин се развива градот во кој живеат и колку ќе се подобри квалитетот на живот со подобрувањето на урбаната мобилност преку воведување на БРТ во Скопје, рече Шилегов.

Според помошник директорот на Европската банка за обнова и развој од Лондон, Ијан Џенингс, ЕБОР секоја година вложува 250 милиони евра во развој на градски транспортни системи.

– ЕБОР и Град Скопје веќе соработуваа при набавката на 33 нови МАН автобуси на гас, изработката на акцискиот план за зелен град, како и на Студијата за оптимизација на мрежите на линии на автобускиот јавен превоз. Сега се радувам на соработката при воведувањето на БРТ во Скопје кој е еколошки проект, пристапен за сите граѓани. Ваков проект кој ќе го трансформира превозот во Скопје бара голема посветеност и соработка, рече Џенингс.фф/са/

Таг
Back to top button
Close
Close