Дописници МКДПолитички партии

Претседателот и генералниот секретар на СДСМ во посета на Виница

Претседателот на СДСМ Зоран Заев и генералниот секретар на партијата Љупчо Николовски денеска престојуваа во Виница, при што остварија посета на локалната самоуправа и на прехранбената компанија „Макпрогрес“.

Виница, 21 февруари 2020 (МИА) – Претседателот на СДСМ Зоран Заев и генералниот секретар на партијата Љупчо Николовски денеска престојуваа во Виница, при што остварија посета на локалната самоуправа и на прехранбената компанија „Макпрогрес“.

На средбата со градоначалникот на Виница Ивица Димитров и со претседателот на општинскиот Совет Тони Велков се разговараше за развојните цели на општината и регионот, а посебно за поддршката во развојот на локалните компании. Според Заев, вниманието на државата и во иднина ќе остане насочено кон домашното производство, со очекување на нов финансиски импулс од ЕУ.

– Целиот изминат период на сериозни и храбри политички одлуки отвора нови перспективи што досега беа затворени за домашното стопанство, а тоа се долгоочекуваните европски структурни и кохезиони фондови. Ова за Западен Балкан значи 14 милијарди евра, а за Република Северна Македонија се околу две милијарди евра, најчесто за економски прашања и политки. Тоа ќе даде придонес во јакнењето на целокупниот економски стандард. Компанијата „Макпрогрес“ од Виница е наша гордост и потврда за успешно работење, со оглед што 90 отсто од нејзиното производство оди за извоз и на државата ѝ носи девизни приливи. Затоа и во иднина ќе останеме насочени кон домашното производство кое е најсилна гаранција за раст на економскиот стандард на граѓаните, истакна Заев.

При посетата на компанијата „Макпрогрес“ беше нагласена определбата за зголемување на извозот и унапредувањето на квалитетот на работната сила, за што ќе се инвестира во обука и стручна надградба.

– Годинава одбележуваме 30 години од постоењето и планираме наесен овој јубилеј да го крунисаме со отворање на Институт за развој на прехранбени технологии во кој ќе можат да се вклучат сите млади луѓе, стартап-бизнисите и стручни лица од прехранбениот сектор во државата. Целта е да ја развиваме оваа индустрија и да достигнеме што повисоко ниво, а од државата очекуваме да креира политики за подобрување на состојбите. Сакаме да ги задржиме младите луѓе и да ги унапредиме условите за работа, со подобри плати, а со тоа да имаме бенефит и за компанијата, и за општеството во целина, истакна Глигор Цветанов, директорр на „Макрпогрес“.

Градоначалникот на Виница Ивица Димитров нагласи дека токму „Макпрогрес“ со своите 780 вработени е пример за успешно работење што треба да го следат и другите компании, пред сè во создавањето услови за нови работни места и за задржување на работната сила. та/хс/

Back to top button
Close
Close