0_Македонија.ПорталПолитички партии

Прес-конференција на Милошоски во врска со вчера објавени аудио материјали

Денешната прес конференција би сакал да ја посветам на вчерашните аудио материјали кои што фрлаат уште едно појасно светло на најголемиот финансиски, рекетарски, политичко, судски скандал наречен „Рекет“.

Скопје, 20 јуни 2020 

Денешната прес конференција би сакал да ја посветам на вчерашните аудио материјали кои што фрлаат уште едно појасно светло на најголемиот финансиски, рекетарски, политичко, судски скандал наречен „Рекет“.

Преку вчерашните аудио материјали се гледа дека еден познат скопски адвокат господинот Димишков инаку брат на судијката Весна Димишкова разговара со посредници кои што се поврзани со судските процеси кои што ги води СЈО и им нуди трампа пари за правда.

Се зборува за огромни суми на пари со кои што еден од бизнисмените требало да биде пуштен на слобода, а се наоѓал во притвор. Ќе цитирам гласот за кој што се претпоставува дека е на адвокатот Димишков вели – „Дајте 6 милиони евра, и ќе ја завршиме работата“. Ова го тврди адвокатот Димишков, ова го нуди адвокатот Димишков, брат на судијката која што определила мерка притвор.

Имајќи го во предвид разврската на случајот „Рекет“ како и низа отворени прашања на оваа тема се поставува прашањето дали адвокатот Димишков имал само лична моќ да нуди притвори, ослободувања од притвори и да бара пари за ослободувања од притвори. Или пак можеби адвокатот Димишков имал и судска моќ и политичка моќ преку одреден спонзор за да може да издејствува кому да биде одредена мерка притвор и за колку пари да биде укината таа мерка притвор.

Затоа многу сме зачудени што за адвокатот Димишков и за судијката Димишкова немало истрага во Јавното Обвинителство, во најмала рака за посредување и за уцена, или изнуда на пари од лица кои што биле предмет на обвиненијата на СЈО.

Главното прашање е дали и Вице и Зоран Заеви се ликовите во чие име зборува адвокатот Димишков, и дали адвокатот Димишков бара 6 милиони евра во име на Зоран и Вице Заеви.

Дали тие се политичкиот центар на моќ каде што треба да се уплатат 6 милиони евра за да се укине одредена мерка притвор?

Очигледно е дека се правени пазари со правдата. Сестрата судијка определува мерка притвор. Братот адвокат наоѓа посредници, бара пари, има центар за политичка моќ, и тие пари ги добиваат главните нарачатели на ваквите дејствија, и даваат наредба за укинување на мерката притвор.

Ова е заклучокот кој што може да се извлече од аудио снимките кои што ги слушнавме во текот на вчерашниот ден, а за кои што обвинителката Русковска потврди дека ги поседува во Јавното Обвинителство.

Обвинетиот и сега веќе осуден Бојан Јовановски во судот посочи дека рекетираните пари треба да се бараат кај семејството Заеви. Се поставува прашањето дали овие 6 милиони евра кои што ги побара адвокатот Димишков исто така треба да се бараат кај Зоран и Вице Заеви.

Ова е веќе втора индиција која што посочува дека Зоран Заев е главата на криминалниот октопод кој што ја злоупотребува политичката моќ како премиер за истовремено да биде и наредбодавач во обвинителството и наредбодавач во судството, и судските и обвинителските постапки да ги тргува за високи суми на пари. Ова најголема рекетарска шема во Република Македонија наречена „Рекет“ има и свој покровител и ние сме изненадени зошто госпоѓата Вилма Русковска не покренува до сега никаква истрага за оној за кого што има индиции дека е покровител на шемата пари за правда, а индициите упатуваат до лицето Зоран Заев.

Да биде уште позагрижувачки овде станува збор за системски организирана мафија во која што политички, обвинителски, адвокатски и судски структури заедно со посредници од подземјето тргувале со правдата и остварувале голема материјална корист. Аргумент во таа насока ни е и фактот што токму сестрата на посочениот адвокат, Весна Димишкова која беше судијка на претходна постапка во случајот „Империја“ кој е тесно поврзан со случајот „Рекет’ е токму таа која што ги води овие предмети, а нејзиниот брат е лично посредник за издејствување на поповолни мерки во овие предмети.

Истата судијка случајно или не е онаа која што го замрзнува имотот на најголемата опозициона партија и затоа се сомневаме дека и во двата случаи постои сериозно политичко влијание и политичка нарачка од еден центар на политичка и владина моќ.

Прашањето е дали Зоран Заев директно или индиректно влијаел врз судските постапки, врз постапките на обвинителството и ги нарачувал и ги трампал обвинителските и судските мерки за рекетирање на пари и изнуда на пари.

Ако Јавното Обвинителство денес нема храброст да се соочи со овие индиции да ги истражи тогаш одговорите ќе бидат дадени после изборите кога во фер обвинителски и судски процес ќе можат да бидат одговорени сите овие дилеми кои што посочуваат дека Зоран Заев е можниот нарачател на ваквите рекетирања и изнуда на пари.

Изборот затоа на граѓаните на 15 јули ќе биде помеѓу рекетарската шема на Зоран Заев и неговите најблиски судии и обвинители или опозиционата ВМРО-ДПМНЕ која што е спремна да ја преземе довербата и одговорноста да се носи со ваквите девијации и за истите да има политичка и судска одговорност.

На крајот би сакал да заклучам дека се додека адвокатот Димишков, судијката Весна Димишкова и нивниот можен политички нарачател Зоран Заев играат политички и финансиски игри со случајот „Рекет“, со притворите и пресудите и истите ги продаваат за големи суми на пари тогаш европскиот пратеник Рајнхард Прибе за џабе пишува извештаи за владеење на правото. Во Република Македонија со Зоран Заев, со адвокатот Димишков, со неговата сестра и ова обвинителство за жал нема владеење на правото, туку има владеење на големи пари за кои што се тргува со правдата.

Новинарски прашања

Прашање: Господине Милошоски, во текот на вчерашниот ден Русковска потврди дека двете снимки во кои се слуша гласот на адвокатот Васил Димишков брат на судијката Весна Димишкова биле дел од постапката за Рекет. Таа демантираше дека името на Зоран и Вице Заев се споменува во контекст на пари, но сепак нивните имиња се споменуваат на снимките. Ваш коментар за ова?

Одговор: Госпоѓата Вилма Русковска најдобро знае во таа целосна снимка од 57 минути во кој контекст се споменуваат Зоран и Вице Заев. Контекстот на снимката очигледно според она што го слушнавме е трампање на правда за пари, а не е изградба на нов Клинички центар или ново училиште и затоа сметаме дека госпоѓата Вилма Русковска требала досега бидејќи се работи за 6 милиони евра, тоа се големи пари, во најмала рака да покрене истрага против адвокатот Димишков, но исто така истрага против Зоран и Вице Заев за можна уцена изнуда или посредништво кај одреден осомничен или обвинет во овој случај продажба на мерката притвор за пари, која ќе донесе ослободување.

Втората поента која што сакам да ја споменам по однос на ова прашање. Дали со ваквата изјава госпоѓата Вилма Русковска потврдува дека адвокатот Димишков е поштеден пред законот само затоа што има сестра која е влијателна судијка, госпоѓата Димишкова. И дали во овој случај сестрата судијка определува притвор, а братот адвокат преку комуникација со центрите за моќ ја продава во замена за цена од 6 милиони евра.

Се поставува прашањето кој ги има земено тие 6 милиони евра и каде се парите

И трето, ние во изминатиот период слушнавме многу снимки во кои што или лично говори, или некој друг говори за Зоран Заев како што беше и случајот во оваа снимка. Но во оваа снимка слушаме дека после нејзината репродукција недоставува изјава на господинот Зоран Заев и неговиот брат Вице Заев. Нашето прашање е зошто госпоѓата Вилма Русковска се почувствувала повикана да биде портпарол или адвокат на господинот Зоран Заев. И денешнава прес конференција ја користам за да упатам апел до господата Зоран и Вице Заев тие да излезат и да кажат дали го познавале адвокатот Димишков лично или го познаваат само од телевизија. Дали Зоран Заев знаел за случајот 6 милиони евра или не знаел? Нека демантира. Дали

Зоран и Вице Заеви знаат за добиени или дадени 6 милиони евра, кој ги земал и нека демантираат. Но Вилма Русковска не би имало потреба да изигрува адвокат на Зоран и Вице Заеви.

Прашање: Кој е вашиот став под однос на Владината одлука за кратење на буџетски средства за партиите?

Одговор: Во однос на прашањето поставено од Канал 5 за владината уредба за кратење на средства кои што би се доделиле на политичките партии цениме дека оваа одлука е соодветна на кризната ситуација во која што се наоѓа државата во однос на пандемијата иако сметаме дека одлуката е можеби и задоцнета. Ќе беше многу попродуктивно доколку оваа уредба беше донесена уште во текот на месец март и овие средства уште тогаш беа употребени во одредени болници или места кои што се на линијата на фронтот против Ковид-19. Но доколку логиката на актуелната влада и целта е да се насочат што повеќе средства за борба против Ковид-19 тогаш апелираме до фирмите на братот на Зоран Заев и до фирмите на Кочо Анѓушев кои што добија многу големи средства од антикризните мерки а се фирми кои што прават многу голем профит добиените средства од владата да ги уплатат во солидарниот фонд на Нина Ангеловска. Само на тој начин фамилијата Заеви и високи до вчерашни или сегашни владини функционери ќе покажат дека навистина сакаат да и помогнат на Нина Ангеловска да има повеќе средства за борба против пандемијата. И второ доколку владата навистина смета дека се потребни повеќе пари за борба против вирусот Ковид-19 тогаш предлагаме оние средства кои што на контроверзен и многу брз начин половина милион евра владата ги додели на блиски невладини организации меѓу кои и невладината организација на Јасна Мандиќ поврзана со „Рекет“ и „Меѓунарониот Сојуз“ да ги пренамени и истите средства да ги донира на солидарната сметка на министерката Нина Ангеловска која што очигледно е дека е свесна дека буџетот е празен и моли за пари кои што би помогнале во борбата против пандемијата.

Антонијо Милошоски 

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

____________________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Back to top button
Close
Close