Дописници МКДОпштество

Преработувачите во Кочанско подготвени за соодветно одлагање на амбалажниот отпад во земјоделството

Позитивни резултати се добиени во првата фаза од проектот за заштита на природната средина од пластичниот отпад во земјоделството во кочанскиот регион, што започна лани во октомври, а чиј носител е здружението за екологија „Еко тим исток“ во партнерство со компанијата „Екопроект-Ко“ од Кочани.

Кочани, 16 јануари 2020 (МИА) – Позитивни резултати се добиени во првата фаза од проектот за заштита на природната средина од пластичниот отпад во земјоделството во кочанскиот регион, што започна лани во октомври, а чиј носител е здружението за екологија „Еко тим исток“ во партнерство со компанијата „Екопроект-Ко“ од Кочани.

По остварените средби со претставници на петнаесетина преработувачки капацитети за земјоделски производи во општина Чешиново-Облешево, сите ја прифатиле понудата за соодветно депонирање на пластичната и друг вид амбалажа, при што побарале селектираниот отпаден материјал да го преземаат лиценцирани фирми за управување со отпад.

– Претставниците на преработувачките капацитети се заинтересирани за соработка и се согласија дека пластичниот отпад од земјоделството претставува проблем со кој тие се соочуваат секојдневно, а што е огромна закана за животната средина. Иако во нивните капацитети таквиот отпад веќе се селектира, тие се принудени да го чуваат подолг временски период, затоа што чекаат да биде преземан од фирми од Скопје и Тетово, кои не им се достапни во секој момент. Сега се вклучуваме ние и им ги обезбедуваме потребните ресурси за управување со пластичниот отпад во земјоделството, истакна Ирена Мирчовска, координатор на проектот „Селектирај пластичен отпад од земјоделството и дај свој придонес за борба против климатските промени“.

Во текот на следните неколку месеци проектот ќе продолжи со втората фаза преку едукативни средби на терен со земјоделските производители, при што ќе се разговара за штетноста од исфрлањето на пластичната амбалажа од препаратите во нивите и на меѓите. Исто така, на пет локации во општина Чешиново-Облешево ќе бидат поставени посебни садови за собирање пластична амбалажа и отпад од земјоделското производство. Тие ќе бидат соодветно обележани, а ќе се изработат флаери и постери за собирните места.

Од здружението „Еко тим исток“ најавуваат дека поради успешноста на проектот во Чешиново-Облешево, истиот ќе продолжи до крајот на август и во општините Кочани и Зрновци.

Проектот за селекција и третман на пластичниот отпад од земјоделството го имплементираат здружението „Еко-свест“, Организацијата за поврзување на природни вредности и луѓе (CNVP Македонија) и Движењето на екологистите на Македонија (ДЕМ), а е финансиран од фондовите на Европската Унија. та/вј/

Back to top button
Close
Close