0_Македонија.ПорталГраѓански секторЕкономијаОпштество

Преку јавни дискусии со граѓаните до подбро креирање на локалните буџети

Општините издвоија од три до 21 процент од своите буџети за проектите кои ги побарале граѓаните на јавни дискусии. Дури 60 проценти од побараните проект од граѓаните, бизнис секторот и засегнатите страни од општините се капитални проекти, а 40 проценти се тековни. Доминираат проектите во делот на урбанизам, инфраструктура, објекти и услуги кои се бараат од општината, многу помалку се бараат проекти во делот на образование, социјала и култура, а животната средина е речиси занемарена.

Скопје, 10 септември 2020 (МИА) – Општините издвоија од три до 21 процент од своите буџети за проектите кои ги побарале граѓаните на јавни дискусии. Дури 60 проценти од побараните проект од граѓаните, бизнис секторот и засегнатите страни од општините се капитални проекти, а 40 проценти се тековни. Доминираат проектите во делот на урбанизам, инфраструктура, објекти и услуги кои се бараат од општината, многу помалку се бараат проекти во делот на образование, социјала и култура, а животната средина е речиси занемарена.

Ова го покажуваат резултатите од мониторинг анализата на проектот „Мои пари моја одговорност“: Партиципативно буџетирање во општините, поддржан од Проектот за граѓанско учество на УСАИД, а имплементиран од мрежата Фискас во изминатите три години.

Целта на проектот, во рамки на кој беа организирани јавни дискусии во осум општини во земјава, беше да се зголеми ефиканоста на трошењето на средствата на локалните буџети и да се промени праксата на дизајнирање на локалните буџети преку заемно учество на општините и засегнатите страни. Идентификувано е дека проектот е одлична алатка која може да ја зголеми транспарентноста на општините, да ја подобри ефикасноста на трошењето на буџетските пари, но и да го подобри квалитетот на буџетите преку дизајнирање со сите засегнати страни и приоритетизација на проектите кои се потребни за општината.

– Постои разлика во делот на она што го бараат мажите и жените од општината. Жените  за петпати повеќе бараат проекти во делот на социјала, образование и култура и тоа можеби е јасно затоа што жените се тие кои се грижат за децата и старите лица. Во секој случај, проектите кои се бараат на јавните дискусии може да ги оцениме како есенцијални и ја отсликуваат реалната развојна состојба на општините, земајќи во предвид дека поголем дел се однесуваат во делот на урбанизам, изјави извршната директорка на Фајнанс тинк, Благица Петрески пред почетокот на економскиот форум Општините и граѓаните кон подобар буџет „Мои пари моја одговорност“: Партиципативно буџетирање во општините.

Таа нагласи дека е потребно и понатаму да се инвестира во општините особено за есенцијалните потреби, а од друга страна потребно е и самите општини во статутот да го вградат ваквиот тип на креирање на буџетот и да се зголеми свеста на засегнатите страни дека можат и оти има начин да учестуваат во дизајнот на локалните буџети.

– Осумте општини можеби не се и најрепрезентативен примерок на целата држава. Општинтие и понатаму во голем дел остануваат затворени за да ги отоврат своите буџети и за креирање на буџетот на ваков начин. Земајќи ги предвид ограничените буџети на општините, резултатите што се постигнати во проектот се исклучителни и износот на вкупно издвоените средства од општините за реализација на проекти побарани од граѓаните е 460 милиони денари, рече Петрески и додаде дека ваквата пракса е исклучително позитивна и оти треба да ја применуваат и останатите општини.

Ваквиот начин на буџетирање, како што рече, предизвика целосна промена кај некои општини и сега имаат проектини финасирања и добра соработка со меѓународните организации.

Извршната директорка на ЗЕЛС Душица Перишиќ посочи дека на денешниот форум ќе предложи да се прифати полскиот концепт за локалната самоуправа, кој предвидува еден процент од буџетот на општината да се користи исклучиво за финасирање на граѓански потреби кој ќе се финасираат преку вакви вклучувања на граѓаните.

– Многу е важно општината да ги спроведува желбите и потребите на граѓаните, но треба да се знае дека градоначалникот е биран врз основа на програма која ја доставил до граѓаните пред изборите, што значи дека граѓаните се согласиле дека треба да биде реализирано она што тој го планира. Со самото тоа во програмата се веќе поставени главните црти какво ќе биде трошењето и кој проект ќе се реализира во наредната годината. Постојат можности за дополнителни финансирања и потреби, но со таквите активности може да се финансираат само одреден дел на средства од буџетите на општините. Секој има различно мислење за тоа што е најважно и затоа треба многу разумно да се влезе во овој процес, рече Перишиќ.

Прашана како ковид кризата влијаеше на приходите на општините, Перишиќ рече дека се значајно намалени.

– Децата се враќаат во градинките и училиштата, а нема дополнителни пари иако за 30 отсто е скратен буџетот за образование. Мислам дека есента и зимата ќе бидат многу тешки за општините, но се надевам дека од година ќе имаме некој подобар статус, посочи Перишиќ. вј/сп/

Back to top button
Close
Close